Кожите од овците, свињите, козите и говедата се преработуваат со “штавување”. Се “штавува” свежо крзно со посолување и царевно брашно. Штавената кожа се остава на провевно место да се исуши за да се прават опинци, кожуви, разни торби и простирки за седење. Инаку, “штавување” или “штавење” разговорно значи удирање, тепање, млатење. Не се знае колкупати чираците требало да удрат да излезе нечистотијата и крвта од крзното на животното. Затоа во жаргон се вели дека некој некого “штавил”, односно натепал.
На фотографијата е Енчо кожарот со чираците пред дуќанот. Порано во месноста Табаана имало работилница за штавување на кожи. Кожарската работа зависела од мариовците, кои, не само што ги “сакале”, туку и ги “ценеле” овците одгледувани со посебно внимание, бидејќи од нив им зависела егзистенцијата.
На кожите за штавување честопати се сретнувале знаци, оти мариовците ставале посебни имиња за стоката, во зависност од бојата на руното, шарката, обликот на роговите. Пред да се организирала “спрегата” за заедничките “бачила”, секој домаќин ги обележувал со посебни нишани своите грла. Белезите, (“ровашите”) можеле да бидат: ластегарче како буквата “В” латиница или пак на дел од увото. Нема веќе кожари. И природната кожа е сé помалку застапена во трговијата. Наместо обувки од кожа, доминираат чевли од Кина од вештачки материјали…