ТРАДИЦИЈАТА Е ГАРАНТ ЗА ДОВЕРБА

Пигмент

Пигмент е една од неколкуте десетина фирми кои нудат бои, лакови и останати средства за освежување на домовите. Разликата од другите е во традицијата и искуството на ортаците Миле Манески и Методија Илиески. Двајцата имаат дебело трговско искуство со боите и другите “реквизити” за обојување на домовите и предметите, што е гарант за квалитетната понуда, а која предизвикува доверба кај муштериите. Дваесетина години се “приватници”, откако пропадна големата државна прометна компанија Центропромет.

Во дуќанот во Старата чаршија се неколку децении исклучиво со различните видови колорити.

– Ја крстивме Пигмент, оти тоа е состојка на боите. Не сакавме да се делиме од разработениот дуќан, а и марифетите во трговијата со бои и ги познававме добавувачите. Така продолживме на познатиот терен и успешно се носиме во се пожестоката конкуренција од новите деловни ривали – велат ортаците Миле и Методија.  

Во очекување на сезоната на бојадисување, кажуваат дека првин  почнува да се бара поликолорот за популарните гипс картонски ѕидови и тавани, па, со затоплувањето на времето, мрсните бои за дограми и метал, па лаковите за паркети.

– Одат и боите за фасади. Тие се тренд, мода, но и ефикасност, но и четки, валјаци, силикони, спрејови, што се придружни материјали и алати во бизнисот – велат партнерите Манески и Илиоски.

Тие не стравуваат за перспективата со атакот на модерните материјали, како ламинатните подови и пластичната дограма, врати и прозорци, кои не бараат обојување за одржување.

– Малку се домовите со ламинати. Паркетите кои се лакираат се поквалитетни и раширени во старите куќи. Оптимисти сме, зашто дрвената дограма уште доминира и нема да мине во историјата за скоро време. Со годините ќе биде еклузивитет, а и таа треба да се негува со бои. Работиме и со абрипи за фасади и за внатрешно уредување. Тие се доста барани нови и атрактивни материјали. Тоа е готов малтер, што само се нанесува на ѕидовите. Се користат и хидроизолации против влага, па мрежи, лепила, стиропор… – велат ортаците од Пигмент.

Компјутерски создаваат нијанси бои и лакови, исклучиво за фасади и внатрешно уредување на домови. Кажуваат дека уште се интересни садолините за ламперии.

Газија и фенери

Во Пигмент нудат и газија. Сопсвтениците велат дека не е исчезната употребата на старовремските, но функционални направи за осветлување со газија во ново издание, а во стара форма.

– Се бараат и газиени ламби и фенери. А за нив и газија. Луѓето некаде од мака, повеќе од враќање на старите начини на осветлување,  купуваат нови ламби и фенери. Некои земаат од нужда, оти немаат струја по викендичките. Да им се гледа на овчарите и говедарите ноќе, се бараат и по селата за мандрите, за трлата, за шталите. Некои купуваат за атракција, како во кафеани или во куќите за одмор во околината – објаснува  Манески.

 

Loading