ЕМ КОНТРОЛОРИ, ЕМ КАНДИДАТИ НА ИЗБОРИ

Скандал пред локалните избори

Три наставнички од основно училиште без согласност се нашле на листата за кандидати за избор на советници, предложена од партијата Народно движење за Македонија. Тие едновремено се и членови на избирачки одбори.

За скандалот дознале, откако имињата си ги прочитале во “Зенит”, а згора на тоа биле и претставени како козметичарки или фризерки. Наставничките се жалат дека им е нарушен угледот и дека не се членови на ниедна политичка партија. Единствено биле само членови на избирачките одбори каде доставиле лични податоци. ОИК тврдат дека ја информирале ДИК за преземање на законските процедури. Претседателот на партијата “Народно движење за Македонија” тврди дека сите кандидати за советници ги минале општинските партиски филтри и дале виза да бидат кандидати. Во спротивно, тврди дека е криминално дело! 

Трите наставнички Славица Велеска – Мирческа, Јасмина Алампијоска и Билјана Тромпеска се изненадиле кога во минатиот број на Зенит во објавата од ОИК за кандидатските листи за претстојните локални избори, колегите коментирале за советничката листа на која ги виделе и имињата на наставничките.

– Не ни се веруваше дека се нашите имиња и презимиња. Податоците ги проверивме во ОИК и се поклопуваат со нашите матични броеви и адреси на живеење. Дури во наше име извадени се и решенија од судот за неосудувани. Две од колешките се пишани како фризерка односно козметичарка. Секаде реагиравме. Шокирани сме – вели Славица Велеска Мирческа.

Тврдат дека кога отишле до ОИК да достават податоци и трансакциски сметки за ангажманот во избирачките одбори, листот со нивните податоци исчезнал, па морале повторно да достават копија.

Подносител на листата за кандидати за советници од Народно движење за Македонија е Моника Велеска, а носител на листата е нејзиниот брат Гоце Најдоски. Тој најпрвин тврдеше дека општинската организација, податоците за советници ги добила од централата во Скопје. После рече дека незадоволството на наставничките е тоа што се нашле на последните места од листата.

Јанко Бачев, претседател на НДМ, за обвинувањата вели дека Македонија е правна држава, дека има судски органи да го расчистат случајот. Партијата немала намера да се занимава со вакви случувања, но смета дека политичките противници се плашеле од нив.

 – За мене ова е охрабрување. Се плашат политичките противници. Треба да се откријат центрите кои го смислиле ова, затоа што е кривично дело – рече Бачев.

Сите листи на НДМ за претстојните локални избори, тврди тој, биле уредно поминати преку општинските организации.

– Не знам за кого станува збор. Кандидатската листа во Прилеп мина низ процедурата како во другите градови. Сите кандидати дале согласност – изјави Бачев.

Инаку, адвокатот на една од наставничките, Кирил Мирчески, тврди дека тие не дале согласност да бидат на листата на НДМ за кандидати за советници.

– Чекаме известување од ДИК. Ќе го информираме Народниот правобранител и ќе се обратиме до обвинителството – додава Мирчески.

Претседателката на ОИК, Елена Чагороска ја известила ДИК за проблемот.

Побаравме информација од ДИК, но не ја добивме до затворањето на весникот.                                                                                                               

Loading