ОД ПРИМА СОК ДО МАРКЕТ

ТИРЕЛ

Ако некогаш беа лидери во производството на природните џусови и газираните сокови, и правеа “бум” на пазарот не само во Прилеп, туку и во цела Македонија, денес сопствениците на фирмата Тирел, не го напуштија името “Прима”. Под овој бренд отворија маркети, формирајќи синџир на продавнци, кои ги снабдуваат од сопствениот магацин на големо, со што би биле поконкурентни.

Основана уште пред 20 години од сопственикот Трајан Стојаноски, фирмата Тирел, веќе пет – шест години успешно ја менаџира јуниорот во семејството, односно 28 годишниот Илија. Младиот и амбициозен управител, доста теоретски поткован со економските методи и начини на работење, успешно ја преобразува фирмата од производител на сокови да стане дистрибутер  на прехрана на големо.  

Почнале со производство на природни џусови и газирани сокови во  2002 г. Биле меѓу првите кај соковите, благодарение на контактот што го имал татко му со фирма од Бугарија.

– Се сеќавам, како дете сокот се произведуваше во стаклени шишиња. Од дуќаниве кога ќе дојдеа нарачуваа од две до пет шишиња. Кога ќе порачаа едно комбе, не можеа да произведат, оти тогаш само со едно машинче се произведуваше и земаше замав природниот сок. Откако се растури ортаклукот и се поделивме, го лансиравме нашиот бренд Прима сокови, газирани во вински шишиња. После зедовме машина за пластични шишиња, тие беа полуавтоматски со затворач, се преместивме во поголем објект, почнавме да работиме во Гевгелија, Велес, Скопје, буквално секаде. После почнавме со густи сокови, и со нив зедовме голем замав – вели Илија Стојаноски.

Се усовршувале и секоја година воведувале новини, автоматски машини со голем капацитет. Работеле во три смени. Постојано ја  менувале амбалажата од литар ипол, на литар и пола литар.

– Го добивме тендерот за РЕК Битола за газираните сокови за мензата која трошеше 4 0000 сокчиња дневно. Тие беа со шеќер, а инаку од линија ги вадевме со засладувач. Прима сокот беше доста баран, зашто беше квалитетен и добро се продаваше – вели Стојаноски.

Со воведувањето на ХАСАП системот, потребно било големо прилагодување, а просторот не одговарал. Затоа се ориентирале на магацин на големо.

– Застапници сме за кондиторство, сокови, средства за лична хигиена и одржување на домот и слично. Ги снабдуваме помалите маркети и колонијали, покриваме околу 400 објекти со две возила. Отворивме и маркети со име Прима, по брендот на соковите – вели Стојаноски.

Со големите супермаркети не можат да се носат со цените, зашто тие имаат поинакви услови и добавувачите имаат подруга политика со големите маркети заради количините.

– Стратегија е добрата цена за маркетите. Со добавувачите соработувам преку шест години, што ми дава можност да земам поголема количина или да направам акција, па затоа се стремам да отворам повеќе маркети – вели Стојаноски.

Планираат отворање уште еден маркет во кој ќе ги искористат државните поволности за новите вработувања. Тоа го гледаат како одличен потег, за олеснување на трошоците за вработените.

 

Теоријата во пракса

Илија Стојаноски има завршено Економски факултет во Скопје. Теоријата ја применува на дело. 

– Она што го учев на факултет, го применувам во маркетите, во продажбата, менаџментот, водењето на фирмата, стратегијата за формирање на цената, за продажбата и сл. Важна е местоположбата  на маркетите, положбата на производот во нив. Но. голема предност е искуството од татко ми, кој ги работи административните работи, плаќање, прием на стоката – вели Илија .

Името Тирел е од иницијалите на семејните имиња. За Прима брендот се одлучиле преку наградна игра, го одбрале, како звучно име.

   

Loading