ПОЛИТИКАТА ПОСТОИ ЗА БИЗНИСОТ

Бизнисмените  од Прилеп, Кралево и Валево заедно во освојување на трети пазари за ублажување на кризата

Делегација од дваесетина стопанственици и градски функционери на српските градови Кралево и Валево беа импресионирани од начините како во Прилеп се градат индустриските зони. Затоа ќе го земат искуството и ќе го пренесат на сопственото тло да ги подобрат условите за привлекување инвеститори. Валевско – кралевската политичко економска делегација беше гостин на градоначалникот Марјан Ристески и домаќинот – регионалната стопанска комора. Лани, прилепска мешовита делегација престојуваше во двата српски града.

Првиот човек на градов, Марјан Ристески ги запозна гостите со стратегијата за привлекување и охрабрување на инвеститори да преземат зафати за вложување. Ги упати на начините за организирање на индустриските зони, информирајќи ги дека од зоната Прилеп 1 се продадени 21 плац на неколку десетици хектари за нови фабрики кои ќе ангажираат над две илјади работници. Останатите два плаца се пред финализирање на регулацијата на имотноправните односи.

Градоначалникот на Кралево, Драган Јовановиќ, изјави дека целта на посетата е економска соработка.

– И кај нас главен проблем е невработеноста. Но овде сме импресионирани од начинот на кој ги градите индустриските зони. Тоа е корисно. За жал, ние немаме државна поддршка. Мораме индустриските зони да ги правиме со откуп на земјиште од селаните, да експроприираме земјиште. Тука сте подалеку. Оптоварени сме со социјални проблеми на интерно раселени 20 илјади лица од Косово, а и процесот на транзиција уште трае. Многу гиганти се на колена. Се трудиме да го оживееме производството, да не плачеме, да гледаме подалеку и да се обидеме да ги решиме проблемите. Затоа дојдовме – рече Јовановиќ, повикувајќи ги прилепските бизнисмени на соработка.

Тој истакна дека двата народи делат иста судбина, плус негуваат пријателски односи. Порача да се најдат патишта за здружување и заеднички економски настап.

– Бизнис форумот е одличен пример за прекугранична соработка и можност за заеднички апликации за фондовите на ЕУ. Пораснуваат шансите за соработка со непосредните контакти. Мислам дека успеваме да ги поврземе бизнисмените од двата града со прилепските – констатира Јовановиќ.

Драгољуб Крстиќ, потпретседателот на Валево, средбата ја оцени за можност за пробив и контакт на дејностите кои се допираат.

– Тоа ќе ги повлече и останатите бизнисмени и градови во барањата на модели за инвестирање. Законодавството недоволно брзо ги гледа проблемите на локалните власти. Политиката и градската управа постојат за бизнисот. Останува да го скршиме мразот и да им дадеме ветар во едрата на стопанствениците, да се интензивира соработката и  заедно да излеземе на европските пазари – рече Крстиќ.

Бизнисменот Милун Јовановиќ смета дека Кралево и Прилеп треба да разменуваат искуства за излегување од кризата.

– Запознавањето на бизнисмените има цел да настапат на трети пазари заедно низ компатибилноста на бизнисите. Разединети вредиме малку, а заедно вредиме многу во услови кога мотив е профитот, кој е акумулација за нови вработувања – рече  Јовановиќ.

Гостите се запознаа и со Тутунскиот комбинат, Мермерскиот комбинат, конфекцијата Кули и фабриката Дени – мебел.

Loading