70 ГОДИНИ ОД ДАБНИЧКИОТ МАСАКР

ПИСМО

На 19 септември 2012 година се навршија 70 години на едно од најголемите злосторства на фашистичките окупатори во НОВ, не само во Прилеп, туку и пошироко. Тоа е познатиот Дабнички масакр. Од злочинот не останале  рамнодушни и непријателските војници и полицајци.

Дабнички масакр е наречен, затоа што во септември 1942 година од селото Дабница во прилепските касарни биле затворени сите мажи без разлика на возраста. Голем дел биле под истрага во окупаторските затвори, а еден дел и интернирани. Точно 43 Дабничани биле испратени во бугарскиот концентрационен логор во близина на Ксанти. Кулминација е дабничкото стрелање на 19 септември во месноста Дабнички завој, меѓу Прилеп и Дабница, каде поголемиот дел од стреланите биле дабничани.

Не случајно страдале дабничани. При формирањето на одредот “Димитар Влахов”, на 16 мај 1942 година, Дабница била партизанска база, а населението учествувало и помагало со храна, облека и друго. На крајот на август, сите жители учествувале на советувањето и прославата, одржана на местото на формирањето на одредот во месноста “Гарван”. Плус, со успешни акции на одредот, кои го предизвикале непријателот за Дабничкиот масакр. Во септември, окупаторите презеле офанзива против народно ослободителното движење. Особено за уништување на одредот “Димитар Влахов”. Презеле свирепи акции за уништување на востаниците по секоја цена. Со нови единици го “чешлале” теренот  и масовно апселе. На 14 септември, специјалните единици, неколку десетици агенти и полицајци влегле и уапсиле 54 мажи. Ги затвориле во гарнизонскиот затвор, претворен во мачилиште. Меѓу нив бил и Рампо Левката, адвокат, кој поради своите заслуги во НОВ е прогласен за Народен херој. Тој е убиен во касарните. Поради храброто држење, бил убиен и дабничанецот Сотир Дамески. На 19 септември биле издвоени 18 затворениците за стрелање. Бил исцениран напад на колоната, по што следувало стрелање на врзаните дабничани и прилепчани. Да не има некој не убиен, со бајонети биле прободувани телата на стреланите: Аце Мрчески, Алекса Бешироски, Андон Нунески, Атанас Нунески, Алексо Мазгалоски, Андон Слабејкоски, Адем Адемоски, Гога Нунески, Димко Мрчески, Душан Бешироски, Добре Јованоски, Киро Ќососки, Ордан Паноски – Кабецот, Ордан Кузманоски, Ордан Јованоски, Сотир Сотироски – Џигиџик и Тоде Кремчески. Меѓу стреланите, еден успеал да преживее. Тоа бил Петко Велкоски кој бил погоден само со еден куршум, а при бодењето бил двапати несмртоносно прободен. Со натчовечки напори успеал да се извлече. Тој бил жив сведок на крвавите денови на окупацијата. Предходно, успеал да побегне и да се спаси и Тоде Ристески – Келешот.

Дабничкиот масакр бил невиден злостор на бугарските окупатори, наедно повод за омраза не само на Македонците, туку и од хуманите Бугари. Репресалиите го омасовиле народно ослободителното движење.

За загинатите дабничани и прилепчани, на местото на стрелањето, во месноста Дабнички завој, во 1972 година е подигнат “Споменикот на жртвите на фашизмот. Тој е дело на академскиот скулптор, прилепчанецот, Димо Тодоровски. Споменикот се состоеше од мермерна плоча и бронзена човечка фигура. На плочата стоеја имињата и презимињата на стреланите борци, вклучувајќи ги двете жртви во прилепските касарни, Рампо Левката и Сотир Дамески. За жал, ја нема повеќе бронзената човечка фигура. Исчезна тоа врвно дело на големиот скулптор, а требаше вечно да потсетува на крвавите денови.

Во 2002 година, пред одбележувањето на 60 години од Дабничкиот масакр, се случи повторно масакр. Жртва беше споменикот во Дабнички завој. Бронзената човечка фигура беше целосно уништена од три лица, поради имотна корист. Обвинетите беа осудени. Но, каква корист од тоа, кога бронзеното сведоштво го нема да го симболизира непокорот на дабничани и прилепчани, кои, покрај големите ѕверски мачења и тортури, гордо заминале без да откријат нешто за организацијата, одредот, активистите или слично. Подоцна беше украдена бистата на Блаже Спиркоски – Воденски, беа украдени повеќе бисти од Алејата на Народните херои во Паркот на Револуцијата. Добро е што тие се обновија, со што градот покажа почит кон хероите.

По 10 години без бронзената фигура, апелирам до надлежните да се обнови “Споменикот на жртвите на фашизмот” во Дабничкиот завој, со што трајно ќе се остави нем сведок, кој ќе “зборува” за овој голем настан од богатото и славно минато на Прилеп – Градот Херој.

Рубин Белчески – историчар

Loading