Кире Николоски – осум години со нефункционални бубрези
Скапата трансплантација на бубрег може да се изведе кај помлади за продолжување на животот за 10 години, а постарите се врзани за апаратите секој втор ден по четири-пет часа
Посебен режим на исхрана за подолг животен век
Никој не би го познал Кире Николоски пред осум години со неговата сегашната бледа сенка. Сега има 68 години, а до 60-та работел најтешки физички работи. Причина за состојбата на Николоски е откажување на функцијата на бубрезите.
– Се беше во ред до Велигден пред осум години. На сред веселба на еден од пријателите не му изгледав како што треба. Утредента ме фати страшна главоболка проследена со голема жед. Не помогна никаков лек, па по препорака на доктор заминав во Струга на специјалистички преглед. Таму ми кажаа дека бубрезите ми откажуваат и веднаш ми вградија апарат – фистула за привремено да го намали откажувањето на бубрезите – се сеќава Николоски, кој бил музичар и ги веселел луѓето.
Причината за откажувањето на бубрезите докторите ја нашле во долгогодишниот висок крвен притисок. Кога му мереле притисок во Струга, живата скокнала на 240 единици. Фистулата била само привремено решение, а се знаела крајната станица за 60 годишниот Николоски – апарат за дијализа на крвта.
– Кај помладите може да се изведе трансплантација на бубрег, што е многу скапо. Трансплантацијата го продолжува животот на бубрезите за 10 години. А постарите сме врзани за старите и дотраени апарати. Меѓутоа, мене најмногу ми пречи тоа што во болницата морам да минувам четири до пет часа полулегнат на апарат кој можеби е постар од мене и не ја врши функцијата како што треба. Наместо дома да си појдам освежен, со прочистена крв, веднаш легнувам на кревет и чувствувам како нешто да ме боли во грлото – објаснува Николоски.
Пред некое време сам се обидел да ја подобри ситуацијата во одделението за дијализа во Прилеп со собирање на донации за купување на репарирана машина за дијализа. Успеал во тоа и сега наместо 17 има 18 апарати за дијализа, од кои најнов е тој што Николоски се потрудил да се набави.
– Откажувањето на бубрезите е исто како и откажување на еден дел од животот. Потребно е да се живее со строга диета, без банани, чоколади, праски, дињи, течности… Жените со ваква состојба не се способни да родат живо дете – со мака кажува Николоски.
Додава дека моментно во Прилеп има 80 пациенти кои редовно одат на дијализа секој втор ден. Бидејќи апаратите не се доволни, само два- тројца се праќаат во Струга.
– Во Скопје има најдобри апарати за дијализа кои добро ја прочистуваат крвта, í додаваат потребни соли и го мерат нивото на вода во крвта. Сакам да се набават повеќе модерни апарати за лечење на оваа болест која човека го следи до крајот на животот. Барем малку да ни се олесни голготата низ која минуваме. Па фала му на Господа, се запознав со еден човек – нашинец од Австралија, кој ми вети дека ќе донира 15 000 австралиски долари за нов апарат – заврши Николоски кому уште му зуе фистулата вградена во зглобот на десната рака.