ЌЕ СЕ СПРЕЧИ НАВАЛУВАЊЕТО, АМА И ЌЕ ЧУКА

Ќе се санира саат кулата

Со пет милиони денари Заводот и Музеј ќе го санира  навалувањето од 85 сантиметри кон југоисток на градскиот саат, кој наликува на кривата кула во Пиза. Градежните работи на споменикот на културата ќе почнат идната недела, откако ќе завршат законските процедури по изборот на фирмата “Геинг” од Скопје да ги изведува работите.

Министерството за култура за санацијата оддели три милиони денари, а општината два милиони.

– Ќе се копаат длабоки дупки до 12 метри во кои ќе се тура бетон. Под кулата ќе се поставува бетонска плоча, а на површината ќе има потпорен ѕид, кој ќе го “прегрнува” саатот, постар за една година од лондонскиот Биг Бен. Подоцна планираме да се обнови и механизмот од саатот да чука и да го мери времето како некогаш – изјави Гордана Данаилоска – Спироска, директор на Завод и Музеј.

Саатот е висок над 38 метри, а е изградена 1858 година од познатите мајстори Коста Лауц и Ристе Тасламиче во периодот на најголемиот процвет на занаетчиството.

Фенери в парк

За прилепчани Саат кулата е култ, вечност, курназлак. Сведоштво е на богатата градителска историја. Општината вложува два милиони денари Саатот да го претвори во туристичка атракција.

– Ќе продолжиме со уредување на просторот околу Саатот. Ќе го реконструираме во автентичен стил, онака како што бил во минатото. Ќе се постави калдрма, оригинална урбана опрема и фенери за осветлување. Сакаме да привлечеме повеќе туристи – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Саатот сведок на времето

Хроничарот Благоја Алексоски вели дека и Саатот се препознава по прекар. Според него Саатот симболизира машкост, исправеност, простум, инает и непокорност. Затоа и денес некои од старите мајстори го викаат гордост. Легендата вели дека секој прилепчанец давал најмалку по едно живо јајце за вградување во темелот да биде цврст како варовник.

Граѓаните и ден денес велат “кај да си, од саатот подалеку да не си”. И Турците го одбележале постоењето на Саатот со ставање плоча со арапско писмо на која пишува дека “чукањето на саатот не секогаш го означува времето, туку вика Ах за животот и времето што одминува”.

Има многу преданија за Саатот. Едно од нив вели дека Саатот отчукува “Ах”, оти една прилепчанка на мандалото ги ставила писмата од својот сопруг кој не се вратил од печалба. Во друго се раскажува дека во стрелките на Саатот живеат духовите на Глигур Поснасарма и Суле Дервишот, кои биле прилепски хроничари. Старите раскажуваат дека Саатот бил место за одмор и спокојство. 

Loading