Гомакс 2010
Нудат и системи “капка по капка”
Ако може да се рече дека со “брзина на светлината” е подемот на некоја фирма, тоа важи за Гомакс 2010, зашто само за две години постоење бележи рапиден скок на пласманот на полето на трговијата на големо со црева, цевки, фитинзи, санитарии и други слични продукти, потребни за градежниците и земјоделците.
Сопственикот Гоце Шукуроски не го крие задоволството од брзината на растот на фирмата. Открива деке нема посебен рецепт, туку само чесни и коректни односи со партнерите кај градежните фирми и земјоделските аптеки, кои купуваат црева за наводнување и мотори за полевање.
– Имав искуство од претходната работа во слична фирма, која почна нагло да стагнира. Одлучив да ја напуштам и сам да запливам во матните води на бизнисот што го познавав – трговија на големо со водовод, одвод и санитарија. Така освоив партнери во Битола, Охрид, Ресен, Македонски Брод, Демир Хисар и Крушево, а помалку во Кавадарци и Неготино. Ги селектирав добрите плаќачи од оние што ескивираат и затоа бележам раст за две години. Сега наплатата е добра, а ако биде подобра, порастот ќе биде уште поголем – вели Шукуроски.
Вели дека најмногу се бара санитаријата, бидејќи е застапник за неколку фирми. Не помалку оди материјалот за одвод и за довод. Набавките главно ги прави од земјава, но и увезува од Турција и Србија. – Продавам со мала маржа, за поголем обрт на средства. Сега се бараат цевки за вода од полиетилен, оти се еколошки. Кога е суша се тријат рацете, зашто земјоделците бараат мотори за вадење вода и црева за полевање. Има работа со земјоделските аптеки, каде се продава системот “капка по капка”, кој го носам од Тетово, а се продава главно во Ресен – објаснува младиот Шукуроски.
Ориентација му е да не учествува на тендери, оти не е изведувач на завршни занаетчиски работи. Плус, би ги загрозил или нарушил добрите односи со муштериите – изведувачите. Но, неговите клиенти вградувале материјали во катната гаража, во повеќе училишта, болници… Екслузивен застапник е за некои фирми за регионот каде никој освен него не смее да продава нивни производи. Затоа е регионален лидер.
– Планирам ширење на територијата. Есенва ќе одам во поход за освојување на Охрид, Струга и Кичево. Концептот за проширување е задржување на досегашните пазари и ширење и кон источна Македонија. Прилепскиот регион заостанува во земјоделството, за разлика од другите региони, каде, ако земат 100 илјади евра, 80 илјади ги даваат за механизација, за унапредување на производството, а кај нас е обратно. Струмица и Гевгелија отскокнуваат, оти следат нови земјоделски достигнувања на сите полиња. Кај нас уште не е сменет менталитетот. Тутун, со хектари, се прска со рачна пумпа од рамена – кажува Шукуроски.
Инаку, Гомакс 2010 е отворена во екот на најголемата криза.