ПЛАНСКА СЕЧА СО УШТЕ ПОДОБРА ШЕМА ЗА ПОШУМУВАЊЕ

Жарко Караџоски, директор на ЈП “Македонски шуми”

За секое крадење на дрва ќе се оди во затвор и нема да се третира како прекршок

Со италијанската донација, Македонија ќе стане регионален центар за превентивна заштита на шумите на Балканот

Загубите се движеа до 100 милиони денари годишно, а сега станавме ликвидно претпријатие

Како може државата да се справи и да се објаснат околностите кои се причина за пожарите?

– Крајот на август е најкритичен, сува е тревата и остануваат навиките на граѓаните да ги палат стрништата. Сушата продолжува, а со појавата на ветерот има голема опасност за пожар. Сеуште сме будни за да ја заштитиме шумата. После 2007 г. со големите пожари, многу работи се сменија. Главен фактор за  пожарите е човекот. Не би рекол дека се подметнати од политички причини, туку повеќе од криминогени или од невнимание. Се палат шуми за печурката смрчак, која е скапа на пазарот или се пали да се направат пасишта. Донесен е законот за шуми со кој  шумската кражба ќе се третира како кривично дело. За секое крадење на дрва ќе се оди во затвор и нема да се третира како прекршок. Причината за пожарите најчесто е дивата сеча или кражбата на дрва, бидејќи по пожарот се прикриваат трагите. Се носи нов закон за шумска полиција со кој ќе бидеме подобро технички опремени, нов закон за шуми, со што ќе добиеме повеќе ингеренции во заштитата. Ќе инвестираме и во набавка на противпожарни апарати за в шума. Од Турција, преку добрата соработка очекуваме, три противпожарни возила. Едно веќе добивме, а другите се доста добри за шумски услови и за непристапен терен. Набавуваме средство т.е. пена, наместо вода, затоа што, кога гаснеме во шума со вода, пожарот се обновува, а со помош на оваа пена нема шанси да се обнови.

– Каква е меѓународната соработка за превентивно делување?

– Делегати од ЈП Македонски шуми работат со италијанската влада, која е спремна да вложи пет милиони евра во превентивната заштита од пожари. Ќе се монтираат видео и сензорски камери кои реагираат на топлина. Ќе бидат поставени на 30 локации во Македонија и ќе се направат 30 специјални шумски куќарки во кои ќе работат обучени лица. Тоа ќе биде регионален центар за целиот Балкан. Секое движење во шума ќе биде регистрирано и на камерата, и визуелно и со инфрацрвени зраци и ќе се гледа од животинче до човек во секој момент, ќе се гледа секоја искра. Ќе може да се открие и причината и причинителот. Ако се забележи гром со последица пожар, веднаш ќе се реагира. Мала, односно 5 отсто, е можноста за самозапалување на шумите.

            – Што ќе добие Македонија со тоа?

            – Ќе се опремиме комплетно технички со италијанската помош. Тоа е интерес на регионот, затоа што климата се менува, се појавува ерозија. Каде што нема шума има големи температури. Македонија има опасност од одреден регион на пример криволачкиот да стане пустина. Затоа се овие мерки што ги преземаме заедно со пошумувањето.

            – Каков е интензитетот на пошумувањето?

– Македонија има етапи за годишна сеча на дрва од еден милион кубици, од кои природата веднаш надоместува 1,5 милиони кубици со природниот раст. Планирано е да се пошумуваат милион и пол кубици дрвна маса. Постои план каде треба да се сечи, каде е неквалитетно дрво, каде има прореди да се развиваат останатите дрва итн. Годишно Македонски шуми произведува 600 000 м3. , што значи од милион и пол кубици од тој аспект шумата не е оштетена. Загрозена е од дивата сеча, која и покрај сите мерки не можеме да ја сузбиеме. Влијаат и други фактори – судовите, полицијата, па дури и начинот на греење. Цела Европа се грее на пелети, а ние уште на дрво што отвора место за кражба, а и од друг аспект. Енергенсите ужасно растат, сé е поскапено преку 100 отсто, а дрвото држи цена од пред четири години. Нафтата е двојно поскапа, а дрвото е со иста цена. Тоа стимулира кражба. Акцијата Ден на Дрвото не значи многу по пошумена површина, но ја поттикнува свеста кај граѓаните. Ако 35 отсто од садниците успеат, акцијата е успешна. Кај нас тој просек е над 50 отсто секоја година.

            – Како ги правите кампањите за сузбивање на овој вид криминал?

– Кампањите ги организираме периодично со делење флаери за Денот на дрвото. Го сменивме логото да допреме до граѓаните. Покажуваме дека имаме активен придонес во обновливиот циклус. Планираме медумска и билбордска кампања. Акцент ќе биде ставен на тоа како да ја заштитиме шумата, како да ги “освестиме” граѓаните дека тоа е природно богатство. Почнавме од најмалите, да ги образуваме за процесот на заштита на дрвјата. Образовните, социјалните и другите служби можат да се вклучат во овој процес и да помогнат.

            – Дали може да се промени застарениот систем на засадување?

– Засадувањето е акциски и се користат садници од две години најчесто бел и црн бор за подобар успех. Треба да се пошумува со т.н. школувани садници, при што треба да помине извесен период од најмалку три години со посебни процеси да биде успешно пошумено. Имаме три расадници, а планираме уште два, од кои еден за декоративно дрво во Кавадарци и во општина Карбинци. На годишно ниво ќе имаме над 30 милиони подготвени садници. Планираме да извезуваме садници, особено за Косово и Црна Гора, кои се заинтересирани за добар квалитет.

            – Како се одвива продажбата на огревно дрво?

            – Има региони кои се мали како кичевскиот, ресенскиот и др. кои можеме лесно да ги задоволиме, и имаат вишок дрвна маса. Најголем потрошувач на огревно дрво е Скопје и нема доволна количина таму. Затоа со Македонски Железници скучивме договор, огревното дрво од Дебар, Кичево и Ресен, да го пренесуваме со железница до Скопје. Тоа е во функција веќе еден месец. Следната година ќе ги снабдуваме шумско посиромашните области со дрва од побогатите реони во соработка со железницата.

            – Може ли сечата и транспортот да бидат на ЈП Македонски шуми?           

            – Кога дојдов, ЈП Македонски шуми, беше во катастрофална состојба. Со  одлука, на други фирми им се отстапил возниот парк. Наместо да вработуваат работници, вработувале администрација. Тоа е наследен процес. Тешко е преку ноќ да се смени, но работиме на тоа. Ова е прва година во која набавивме булдожери и не плаќаме за тендер за одржување на патишта. Наредната година ќе ја намалиме услугата на сеча да можеме што повеќе да пресечеме со наши средства. Направивме програма, која очекуваме владата да ја одобри. И тоа ќе оди постепено. Од 2 300 вработени, трошиме 14 милиони евра годишно за кооперанти. Затоа што имаме многу кооперанти. Но факт е дека треба да работиме повеќе со наши кадри. Тоа е математиката која ја правиме.

            – Каква е финансиската кондиција на претпријатието?

            – Наследив пред три години претпријатие со 30 милиони евра загуба, кое доцнеше со плати, не плаќаше ДДВ, ни придонеси за ПЗО. Загубите се движеа до 100 милиони денари годишно. Прва година во која Македонски шуми прави некоја добивка е 2008-ма, а од кога сум на чело, секоја година имаме добивка, платите ги даваме редовно. Подружницата Црн Бор има зголемени плати од 40 отсто, од кога имаат нов директор. Плаќаме ДДВ и придонеси за ПЗО. Станавме ликвидно претпријатие. Формулата за успех е со зголемена работа, продуктивност и домаќинско работење. Ако се стегне каишот и ако се води сметка за обврските кон државата, а после за себе, ќе се стимулира бенефит. Ако е обратно, профит никогаш нема да има. Оваа година го обновивме возниот парк после 50 години. Немаме земено кредит, па ни ќе земаме.

            – Има ли перспектива?

            – ЈП Македонски шуми мора да остане државна фирма, затоа што работи со државно богатство. Секоја друга форма ќе ја уништи фирмата. Со добар модел на трансформација ќе бидеме поуспешни. Со програма планираме да ги исчистиме старите долгови и да почнеме да инвестираме. Од 2013 година Македонски шуми може да стане регионален снабдувач на дрва, може да наплаќаме од печурки и други растенија. Треба да се развие ловот, туризмот и тн. Потребен е добар закон, со кој ќе се казнува неработата, а ќе се наградува добрата работа.

            КРОС МОПЕДИ ЗА НИЗ ШУМА

– Најчесто пожарите се јавуваат на непристапен терен. Како побрзо да се дојде до огнената стихија?

– В година планираме да набавиме од 30 – 50 крос  мопеди со јачина од 250 до 300 цм3 да бидеме мобилни што е многу важно. Во Европа и во светот само со мопед може да се стигне до непристапните предели и брзо и ефикасно да се справиме со пожарот, наместо како досега – пешки. Ќе направиме една мобилна екипа со 30 до 50 луѓе кои ќе интервенираат во тие случаи.

            ВИШОКОТ ОГРЕВНО ДРВО ЗАВРШУВА ВО ГРЦИЈА

            – Се извезуваат ли огревни дрва?

            – Годинава поинтензивно извезуваме дрва за Грција. Има огромен интерес. Заинтересирани се и Турција и Бугарија. Нашето дрво беше најскапо, а сега е најефтино. Принцип на работа е поголема продуктивност, за поголем извоз. Првин ги задоволуваме потребите на нашите граѓани, а вишокот го продаваме на Грците. Годинава имаме зголемена продажба на техничко дрво. Ако пред две години имавме проблеми како да дојдеме до пазари, сега сме ставени на “слатки маки”, на кого да му испорачаме. Затоа воведовме принцип на авансно плаќање, па кој прв ќе уплати, тој ќе добие дрва.

            Нема да поскапат дрвата

            – Ќе скокне ли цената на огревното дрво?

            – Огревното дрво нема да поскапе годинава, а за наредната, ќе зависи од нафтата и струјата. Договорите ќе ги испочитуваме. Се надеваме дека барелот нафта нема да оди нагоре, не може да влијаеме врз тоа, туку само да следиме. 

Loading