Кинескиот амбасадор доаѓа во Прилеп, а потоа и првите луѓе на државната кинеска тутунска компанија
Во средината на септември се очекува објавување на тендерот за продажба
Пред претстојното собрание на Тутунскиот комбинат (ТКП) в сабота, кога ќе се официјализира трансформацијата на обврските на ТКП кон државата во траен влог во висина од уште околу 32 милони евра, со што државните акции ќе пораснат уште повеќе од сегашните 72 проценти, дознаваме дека прилепскиот загубар сериозно е меркан за продажба од странски инвеститор. Од извори на ТКП дознаваме дека, по собранието на акционерите, менаџментот ќе биде домаќин на кинескиот амбасадор. Во овој контекст е и најавата на Владата да го објави тендерот за продажба на ТКП во средината на септември. Суштината ќе биде да се задржат вработените. Во меѓувреме доаѓаме до информација дека висока делегација со првиот човек на државниот монопол за тутун од Кина доаѓа во Прилеп после празникот на независноста – 8 Септември. Кога сето тоа ќе се поврзе со неодамнешната средба на премиерот Груевски со неговиот кинески колега во Пекинг, тогаш не е исклучено да претстои зделка за продажба на ТКП на Кинезите.
Две кинески компании веќе соработуваат со ТКП во производството на одредени количества цигари за кинескиот пазар. Прилепската фирма и Кинезите најдоа заеднички бизнис јазик и веќе соработуваат со обостран интерес. Извесна е и можноста ТКП да воспостави соработка со Кинезите и на полето на пласманот на ферментиран тутун по специфичните услови кои ги диктираат кинеските државни фирми.
Инаку, ТКП е еден од четирите македонски загубари. Околу илјада вработени редовно земаат плати со придонеси. Обврските кон банките постепено и навремено се сервисираат. Се плаќаат кредити уште од 1995 година. Мерките за стабилизирање на производствените и финансиските состојби ги даваат првите резултати. ТКП ги намали трипати загубите годинава во споредба со лани. Првпат ќе се носи со конкуренцијата и предвреме, при крајот на септември, ќе откупува тутун во картонски кутии, а не во балиња. Порасната е искористеноста на капацитетите на фабриката за цигари.
Лани ТКП откупи околу три илјади тони тутун од ориенталниот тип “Прилеп”. Околу четири илјади кооперанти навреме ги зедоа парите. Слични односи на полето на соработката со тутунарите се очекуваат и годинава.