НОВА ЏАМИЈА ЌЕ НИКНЕ ВО ТРИЗЛА

На традиционалниот ручек на претставниците на муслиманите и свештениците на МПЦ, за празникот Бајрам – Рамазан, на која софра седна и градоначалникот Марјан Ристески, таткото на градот обелодени дека ќе се гради џамија во населбата Тризла

– Со помош на верниците и на локалната самоуправа ќе се изгради верски храм. Во генералниот и во деталниот план предвидена е градба на џамија во населбата Тризла, населена со Роми од муслиманска вероисповед. Џамијата ќе го носи името Веби и Ердоган, кои загинаа на Карплак во 2001 година. Покажуваме дека ја негуваме традицијата и соживотот со векови – рече Ристески.

Ајнур Аџивелиоски смета дека џамијата е капитален објект, не само за сегашните, туку и за идните генерации

– Немавме верски објект. Имавме несоодветни места за молитви. Се надевам дека објектот ќе биде корисен за исполнување на верските чувства на околу пет илјади муслимани. Очекувам да се изгради следната година. Не знаеме колку ќе чини, но ќе се гради од донации, од верниците, гурбетчиите и локалните власти – објаснува Аџивелиоски. 

Сами Јашароски, претставник на Ромите, изјави дека подготовките траеле три години.

– Муслиманите ќе доживеат да ги вршат верските обреди во светол храм, а не во импровизирани објекти. Посебна исламска религиозна група, регистрирана во Комисијата за верски заедници во Скопје и во судот, ќе биде носител на градбата на новата џамијата – вели Јашароски.

Претседателот на групата, која се вика ЕХЛИ СУННЕТ ВЕЛ ЏЕМЕТ, Сулејман Фејзулоски, вели дека џамијата е плод на потребите на граѓаните за изразување на верските чувства, зашто околу пет илјади муслимани во Прилеп досега се клањале каде не, само не во џамија.

– Не сме против ИВЗ. Добивме морална поддршка од ИВЗ, но објектот ќе го гради народот. Локалните власти ни дадоа земјиште. Деталниот план за градба на муслиманскиот објект доби виза и од министерството за транспорт и врски и од Советот – вели Фејзулоски.

Опожарената Чарши џамија е споменик на културата, кој ќе се реконструира и ќе се претвори во музеј, со средства на министерството за култура. 

Loading