“ГРАДИНА” ЌЕ Е РАЈСКА НАСЕЛБА ЗА 13 ИЛЈАДИ ЖИТЕЛИ

– За сефте се нудат на електронска аукција 14 плаца од 300 до 600 квадрати за почетна цена од 1 евро од м2

– На 42 хектари ќе никне мал град со неколку стотини куќи и станови по европски норми

– Дворовите ќе се полеваат со технолошка вода, греењето ќе е централно, а уличните светилки ќе се штедливи

Градските власти им велат бујрум на сите потенцијални инвеститори за градба на куќи со продажбата на земјиште на дел од новата населба за домување за 13 илјади жители, крстена “Градина” која се протега на местото од оранжериите. Станува збор за 368 парцели за куќи, 24 за згради на 9 ката и 7 парцели за деловни објекти од кои дел веќе се понудени на продажба. На 30 август ќе се лицитира електронски за 14 плаца од 400 до 600 м2 за градба на индивидуални куќи од над сто квадрати површина во основата. Потенцијалните инвеститори ќе можат да градат куќи од приземје, два ката и мансарда и обврска ќе им е да ги почитуваат критериумите за градба со енергетска ефикасност. Електронската аукција ќе стартува со цена од 61 денар за м2.  

Градоначалникот Марјан Ристески вели дека населбата од 42 хектари, ќе се гради по европски критериуми, со широки улици, паркови, тротоари, пешачки зони и велосипедски патеки. Квартот ќе се заокружи со колективните станбени згради.

– Населбата е за стандардите на македонските семејства. Плацевите ги меркаат наши сограѓани од странство и домашни инвеститори. Око имаат фрлено и градежни фирми. Предвидена е градба на училиште, градинка, трговски центри, спортски комплекси. Жителите ќе ги полеваат дворовите со технолошка вода, а фасадите и објектите ќе бидат градени по нормите за енергетска ефикасност. Дури и светилките по улиците ќе бидат штедливи. Населбата ќе биде технички подготвена граѓаните да се греат од централна топлана – вели Ристески.

За година ипол постепено ќе се понудат сите 42 хектари.

Ќе никне првата десеткатница крај касарните

Општината паралелно продава на лицитација плац од над две илјади м2 за градба на една зграда со неколку десетици станови, од четирите колективни згради на работ од касарната. Тоа е простор за зграда со десет ката, плус дуќани во приземјето. Почетната цена на земјиштето е 1280 денари за метар квадратен.

Фирмата Изофас ќе почне со градба на колективен станбен објект во Табана, на местото од времените објекти на улицата 11 Октомври, откако ќе се расчисти теренот. Ќе никнат стотина стана во зградата, за чија локација фирмата плати околу 200 илјади евра.

НА ПРОДАЖБА ДВА ПЛАЦА ЗА ДУЌАНИ ЗАД СИЗОТ

Две локации од 25 односно од 27 м2 наменети за деловни објекти се продаваат во старата чаршија, веднаш зад СИЗ за домување.

Се продава и еден плац наменет за производствен капацитет од лесната незагадувачка индустрија во зоната Прилеп 1. Уште 4 парцели државно градежно земјиште ќе се најдат на електронска аукција наредниот месец.

Пријавувањето за учество е до 23 август, а електронската аукција ќе се одржи на 30-ти август.

Loading