Металинженеринг
Меѓу фирмите кои го обезбедуваат досега скучниот простор за производство во индустриската зона Прилеп 1 е и “Металинженеринг”, која постои од 1998 година. Сопствениците, браќата Тони и Борче Мицески, со инвестицијата во неизграденото државно градежно земјиште, ќе ги зголемуваат шансите за развој и проширување на фирмата во иднина. Со купениот плац од 3360 м2 ќе може да ги инсталираат постојните машини, а и да го надградат технолошкиот потенцијал со нови машини.
Се занимаваат со профилирање на ребрасти лимови и трговија со метални цевки и профили. До идејата дошле со работното тримесечно искуство во слична приватна фирма.
– Искуството, иако беше краткотрајно, сепак беше добредојдено и ни овозможи да стартуваме со сопствен бизнис. Започнавме веднаш со ребровање лимови, но со помалку машини – вели Тони Мицески, еден од сопствениците на фирмата.
Не сакаат да утврдуваат рокови ниту да форсираат темпо при градбата на производствениот погон. Велат дека просторот им овозможува прогрес за фирмата.
– Ќе добиеме поголем простор за работа. Ќе инсталираме повеќе машини, кои веќе се набавени, се понови и со поголем капацитет. Така ќе го прошириме производството. Планираме дури и да го збогатиме асортиманот на производи – вели Мицески.
Речиси сите фирми кои имаат потреба од лимови, профили и цевки соработуваат со “Металинженеринг”. Велат дека, иако има неколку фирми во градов со слична дејност, сепак има простор за сите. “Металинженеринг” е во предност од останатите, бидејќи имаат пониски цени, а висок квалитет на производите.
– Набавуваме материјали во поголеми количества. Автоматски имаме пониска цена. Работиме и со помала заработувачка. Тоа ни е принципот на работа. Се трудиме да бидеме конкурентни и да се “носиме” со помоќни фирми кои се во Скопје – вели Мицески.
Располагаат со машини за сечење и виткање. Произведуваат пластифициран и поцинкуван лим. Вршат трговија со црн лим, со профили.
Работат со компании кои се занимаваат со градба и монтажа на лимови надвор од Прилеп. Нивните призводи се вградуваат во објекти во Охрид, Битола, Кичево, Тетово и други градови во источна Македонија.
Размислуваат и за производство на панели со полиуретан, лимови со изолација.