ПЕТНАЕСЕТИНА ФАБРИКИ НИКНУВААТ ВО ЗОНАТА

До крајот на годинава

Трикотажата Тритекс, металопреработувачката фирма Металинженеринг и словенечката фирма Уни гран мер купија над 16 илјади м2 да градат фабрики во индустриската зона Прилеп 1. Сопствениците и претставниците ги потпишаа договорите со градоначалникот Марјан Ристески, откако ги купија локациите на електронска аукција за 160 денари од м2. При крајот на годинава почнуваат градбите на петнаесетина фабрики во индустриската зона Прилеп 1, кои претходно беа продадени. Ристески вели дека со последната продажба на плацеви за индустриски капацитети се заокружува до 80 отсто индустриската зона Прилеп 1.

– Продадени се плацеви на петнаесетина компании, кои ќе градат свои фабрики и погони да го зголемат и да го прошират производството со ангажирање уште на најмалку две илјади работници. Има уште пет локации во Прилеп 1, за кои се заинтересирани десет фирми. Електронската аукција е на 31 јули. На крајот на месецов ќе се продаваат и локации од околу 500 м2 за сервисни и услужни дејности во зоната Прилеп 2, а кои се барани од помалите стопанственици. Парите од продажбата се насочени исклучиво за градба на инфраструктурата – вели Ристески. 

Ратко Наумоски, сосопственик на трикотажата Тритекс, вели дека ќе градат фабрика за трикотажа на шест илјади метри квадратни.

– Имаме побарувачка на нашето производство во странство, а сегашниот простор е тесен. Ќе градиме фабрика со инсталација на нови машини. Покрај постојните 200, ќе ангажираме уште околу 250 работници – вели Наумоски.

Словенците десетина години експлоатираат мермер кај селото Мелница во Мариово, но го продаваат во блокови.

– Ќе градиме фабрика за обработка на мермерските блокови од нашиот рудник во плочи за извоз. Инвестицијата ќе биде поголема – вели директорот Елена Атанасоска.

Фирмата Металинженеринг се занимава со ребровање на лимови и трговија со профили.

– Ќе градиме погон, проширен со машини за поширок асортиман – вели сопственикот Тони Мицески.

До крајот на годинава, локалните власти ќе ја подготват инфраструктурата, а инвеститорите ќе плаќаат само пет евра од метар квадратен комунални давачки на покриениот простор.

Пред аукцијата

Презентација на населбата Градина

Ристески најави нова продажба на градежно земјиште за индивидуално домување – типски куќи – во новата населба Градина

– Објектите ќе бидат по највисоките европски стандарди. Ќе има презентација пред аукцијата кон крајот на август. Ќе се продаваат парцели и за колективен станбен простор. Станува збор за згради со 300 станови во кругот на касарните. Се очекува цените на становите да се намалат, а од инвестициите да се вработат луѓе во градежништвото – вели Ристески 

Loading