Заврши 10-тиот Пивофест
Со настапот на балканската ѕвезда Лепа Брена и на Петар Грашо, со спектакуларен огномет и торта за десетгодишниот јубилеј, се оконча четиридневната пивска фешта која заврши минатиот викенд. Годинава на фестивалот на пивото и скарата имаше над 400 000 посетители кои испија 289 тони пиво и изедоа 124 тони скара. Се урнаа рекордите, се надминаа очекувањата, а пивското “лудило” со избраната музичка матрица мина беспрекорно, без инциденти, со добра организираност и хигиена на завидно ниво. Прилеп докажа дека знае да го величи горчливиот вкус, а од тоталната “пивофикацијата” да се офајдат сите.
{vsig}PRAZNIK/215/1{/vsig}
За в година градоначалникот Марјан Ристески најавува нов концепт на фестивалот.
– Замислата е поинаква, ќе биде подруг концептот на фестивалот, по содржина и со светски странски ѕвезди, бидејќи балканскиве ги “потрошивме”. Ѕвездите од светски ранг бараат и други услови – сместувачки капацитети со повисока категорија, кои за жал ги немаме. Потребен е буџет од околу половина милион евра, бидејќи нема музичко светско име под 200 000 евра, а финансиската конструкција на фестивалот годинава беше толку – рече градоначалникот Ристески.
Според него, градот инкасирал околу 6 милиони евра доколку во просек секој посетител потрошил 15 евра.
Настапија Лепа Брена и Петар Грашо, Жељко Јоксимовиќ, Мирослав Илиќ, Џеј Рамадановски, Влатко Стефановски, Есма Реџепова, Кирил Џајковски, српската група С.А.Р.С. и Дубиоза Колектив од Босна и Херцеговина, прилепската Кросроуд блуз бенд и Биритам.
Без ниту еден инцидент, со рекордна посетеност од 50 илјади гости, започна фестивалот на пивото и скарата на Петровден, за секој ден испиените количини пиво да се зголемуваат, а гостите и домаќините се забавуваат до мугри.
– Од околу 20.000 м2, штандови беа околу 4.800 м2. Се дегустираа повеќе видови пиво од три пивари и повеќе овластени дистрибутери, а се вкуси скара од повеќе реномирани мајстори. Учествуваа: Прилепска Пиварница, Скопска Пивара, Битолска Пивара, дистрибутерот Лозар Пелистерка, дистрибутерот Лашко пиво и дистрибутерот на Budvar. Посетителите уживаа во 20 различни видови пива: Златен Даб, Крали Марко, Калсберг, Туборг, Горско, Скопско, Амстел, Хајнекен, Каменица, Стела Артоа, Јелен, Старо Прамен, Бекс, Светло и Темно Лашко пиво, Унион, Budwiser, Битолско пиво и Кенбах – информираа организаторите.
Имаше и бројни новини и атракции. Пивски туристички воз, десетоседен велосипед за пиење пиво, оксиген бар за трезнење, пајтон, масажа на отворено, гратис кафе за будење во бесплатниот кампинг на Могилата. По повод Фестивалот на пивото 2012, Македонски железници воведоа посебни возови од Скопје за Прилеп и обратно.
Лани настапи Здравко Чолиќ, пред тоа Цеца, а во 2009 година беше Северина.
ПИВАРНИЦИТЕ И СПОНЗОРИТЕ ГИ ПЛАТИЈА ПЕАЧИТЕ
Двочасовниот концерт на Лепа Брена чинеше 35 000 евра, а за Жељко Јоксимовиќ бил платен хонорар од 25 000 евра. Кирил Џајковски побарал 10 000 евра, а Петар Грашо 9 000 евра, додека Влатко Стефановски чинел 5 000 евра. Околу 70 насто од парите за музичките ѕвезди, кои пееја ги платиле спонзорите и пиварниците, а 30 насто покри општинската каса – информираше Ристески.
Капитал го прогласи Ристески за победник
Дневниот весник Капитал го прогласи градоначалникот Марјан Ристески за победник во изборот меѓу јавните личности кои ги остваруваат прогнозите. И пред неколку месеци Ристески беше победник. Овојпат титулата ја освои заради остварените проценки за посетеноста и за одличната организација на фестивалот на пивото од 12 до 15 јули
Пиво фестот го посетија повеќе од 300 илјади гости. За јубилејното десетто издание на фестивалот градот инкасираше околу 4-5 милиони евра. За разлика од минатите години, имаше повеќе излагачи, а бенефит освен пиварниците и угостителите, имаа и хотелите, таксистите, дуќанџиите во старата чаршија. Преку овој фестивал се афирмира градот, што овозможува развој на културен и фестивалски туризам – се вели во Капитал.