НЕМА ЖЕД

Прилеп на плус 40 степени целзиусови 

Преку 80 отсто е зголемена потрошувачката

Проблеми во водоснабдувањето не се очекуваат – информираат од “Водовод и канализација”. ЈП успева и на плус 40 степени да ги задоволи потребите со доволни количества вода за пиење. Иако е зголемена потрошувачката од “Водовод и канализација” (ВиК), апелираат на рационална потрошувачка на течноста што живот значи. Набрзо во функција ќе бидат ставени и бунарите во Бегова ливада. Пристигнуваат 380 литри во секунда, што е сосема доволно за задоволување на потребите на сите граѓани. Малку е алармантно, што само пред два месеци трошевме 240 литри во секунда, што значи преку 80 отсто е зголемена потрошувачката. Останува апелот за штедење. Во попладневните часови и за викендите, кога потрошувачката нагло се зголемува, системот е добро димензиониран и резервоарите моментно добро ги поднесуваат енормните трошења. Акумулираме одредена количина вода, што значи дека не се очекуваат маки со водоснабдувањето – информира Сашо Николоски, директор на ЈП “ВиК”.

Дарежливоста на изворот Студенчица деновиве е 1 500 литри во секунда со тенденција на мало намалување, во споредба со минатиот период, кога беше 2 300 л/с, при што опаѓањето на издашноста на изворот стагнира. Во “ВиК” не очекуваат загрозување на снабдувањето.

За трајно решавање со водоснабдувањето, Прилеп во функција ќе ги стави наскоро и десетте бунари, кои се издупчени, а за чие поврзување Министерството за транспорт и врски успеа да обезбеди 600 илјади евра од Европската инвестициска банка.

– Избран е изведувач за новото бунарско поврзување во Бегова ливада од кои ќе добиеме 100 до 140 литри вода во секунда. Со парите се набавуваат пумпи, хидромеханичка опрема, вентили, ќе се направи потисен водовод од бунарската мрежа до градскиот водовод во должина од три километри, ќе се постави електриката, трафостаницата и ќе се заокружи целиот проект. За три – четири месеци ќе заврши изградбата – вели Николоски.

“Вик” најавува решение на проблемот со рамномерно снабдување на ниската и на високата зона, во Точила, Варош, Рид и Тризла.

– Студијата за местоположбата на препумпната станица ја подготвуваат Хидроелектро инженеринг и Градежен факултет. Распишуваме тендер за градба на препумптната станица, со што Студенчица, и да нема вода четири месеци, ќе бидеме обезбедени со вода. Гарантирам дека проектот годинава ќе го завршиме – вели Николоски.

На есен се планира тестирање и пуштање во употреба и на филтерската станица во Варош, за која веќе се капарени околу еден милион м3 вода од вештачката акумулација. 

Поставена главната цевка на колекторот кај Липа

Се поставија цевки за фекална канализација каде минува главниот колектор за пречистителната станица што доаѓа од Тризла до реката.

– Цевките сега се “мртви”, но кога ќе дојде изградбата на новата канализациона мрежа, само ќе се поврзат на мрежата. Ќе се копа кај “Димо Наредникот”. Кај изведувачот на канализационата мрежа, ќе инсистираме прво да биде реконструкцијата на оние улици кои се поплавуваат и каде што апелираат граѓаните, како Тризла, Вера Циривири и т.н. Парите ги дава ЕУ и тие ја диктираат динамиката на изведба – вели Николоски.

ПРОДОЛЖУВА ЗАМЕНАТА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА

Со извршената реконструкција на водоводната мрежа, се намалени загубите вода во значителна мера. Со помалку вода во градот успешно се врши водоснабдувањето.

– Продолжуваме на ул. Лигураса и ул. Романија. Според планот, ќе замениме до 10 км. водоводна мрежа, а можеби и повеќе. Се завршија краковите на ул. Ладо Лапецот. Комплетна е реконструкцијата на ул. Орде Чопела на Варош, ул. Републиканска, ул. Маргара, ул. Пчиња и ул. Неретва. Сработени се 8.5 километри нова водоводна мрежа. Огромни се заштедите – вели Николоски.  

Loading