Екс микронски инженер, прави бизнис со секундарни суровини по германски рецепт
Меѓу пет-шесте фирми со еколошко портфолио е претпријатието на Васко Гелев, Евроконтакти. Малата компанија со 11 вработени откупува секундарни суровини, метали, хартија и пластика. Се разликува од конкурентите по квалификацијата на сопственикот. Гелев е машински инженер кој посетувал деветмесечна обука за бизнисот со отпадни материјали и екологија во Германија. Фирмата ја отворив во 2002 година, откако се вратив од специјализација за менаџмент и екологија во Германија. Додека Микрон се нишаше и беше пред пропаѓање, егзистенцијата ја најдов во искористување на знаењето, стекнато на германската обука. Гледав дека таму функционира цела индустрија за отпад, а кај нас имаше само два. Оценив дека има простор уште за најмалку еден, а имаше и доста отпаден метал и хартија. Пластиката не се работеше – објаснува Гелев.
Германската формула за екологија и бизнис ја применил во македонски амбиент и успеал да обезбедува за живот, но и да придонесува за заштита на човековата средина.
– Немав финансиски средства и не сакав да се задолжам со кредити. Се пробивав постепено, претпазливо, без пријатели, со знаење. Законските услови дозволуваа и отворив дома отпад да не плаќам чувари и друго и да ги намалам трошоците. Првите пари ги дадов за локација спроти Жито Прилеп, каде сега се наоѓа отпадот. Знаев дека законите од ЕУ, кога-тогаш ќе се имплементираат и кај нас – се потсетува Гелев.
Со донесувањето на регулативата, ги обезбедил сите дозволи. Но, и стравувал дека нема да добие пак виза за откуп, ако не обезбеди соодветен простор. Покрај комплетни услови, располага со шлепер, два дрепери, трактори, дури дел од суровините директно ги носи во Солун, оти се штеди на претоварување.
– Во зависност од периодот, на есен се откупуваат главно пластични шишиња, оти лете не се најдуваат во тревата. Собирам пластика од столици и гајби кои не се забранети. Откупувам по десет тони пластика месечно. Цената е 12 денари. Се откупува железо по 11-12 денари и се селектира. Има и хартија која се купува за 1,5 денар. Бакарот се купува за 280, алуминиумот 50 денари, а оловото за 30 денари. Исплатата е на трансакциска сметка – кажува Гелев.
За Евроконтакти, бизнисот има иднина, зашто светот се вразумува и вложува во заштитата на човековата околина, паралелно правејќи пари.
Фрижидери без изолцаија
– Откупувачите порано земаа цели фрижидери, а сега бараат да им се оддели изолацијата. Текстилен отпад не се работи. Сум чул дека некој мелел крпи. Не преземаме шишиња, оти нема рециклажа на стакло, иако се интересираше турската фирма Шише – Џам за Скопје. Не откупуваме крадени шахти, иако постои опасност ненамерно да се земат во вреќи – вели сопственикот на Евроконтакти.