ПЛАСТИЧНИ ПЛОЧКИ КОИ НЕ СЕ ГРЕБАТ И ЛИЗГААТ

ИБО ПОД

Имаат сертификати, атести дека плочките одговараат за ХАСАП системот, не се канцерогени и не ја загадуваат човековата средина и се пробиваат на пазарот

“Ибо под” е прилепска фирма која произведува подни пластични ПВЦ плочки, наменети за домаќинства, салони… Дури 90 насто од производството го вградуваат по училишта, институции, болници… Сопственикот Љупчо Божиновски (60г.) вели дека малкумина знаат за квалитетното производство на пластични плочки со низа предности пред керамичките плочки. Ова е еден вид топол под. Полесно се одржуваат, нема фуги и не  навлегува нечистотија. ХАСАП системот ги вклопи нашите плочки за кујни, продавници… Располагаме со сертификати, атести дека одговараат за таа намена. Не се канцерогени и не ја загадуваат човековата средина. Керамичката плочка може да се најде и како втора класа, а кај ПВЦ плочките нема. Не се лизгаат, обувките се прилепуваат, вакумираат за плочките. И да се наводенат, создаваат вакуум и не лизгаат за разлика од керамиката, која е лизгава дури и кога е сува. За одржување се едноставни, со вода, со детергенти – објаснува Љупчо Божиновски.

По професија е дипломиран машински инженер. многу е упорен, трудољубив. До идејата за сопствен бизнис дошол, откако останал без работа во 1994 г. во Микрон, со 16 години стаж. Работел по принципот “купи – препродај” од Бугарија. Со отпремнината од Микрон купил машина за да произведува натрон вреќи за сточна храна и брашно. Заради неисплатливост, го напуштил бизнисот и дошол до идеја да прави плочки , оти комшиите имале пластика која била неупотреблива. Со мануфактурна работа успеал да произведе плочки. Кога ги монтирал, сонцето ги искривило. Со друг тип на пластика, во 1997 г. започнал со плочките, а со Билјана инкубаторот произведувал натрон вреќи ги баталил. Добил кредит и средства по поволни услови. Наместо по 3-4 евра, добил простор за 0,8 евра од метар квадратен, благодарение на Инкубаторот. Нашле репроматеријали и со финансиска поддршка купил хидраулична преса.  

Произведуваат стандардизирани плочки со дебелина од 3 мм и димензии 600 х 600 мм. Имаат различни бои по желба на нарачателот.

– Ги конфекционираме, ги обрежуваме странично и подготвени се за монтажа. При поставувањето отвораме фуги кои се слепуваат едно до друго, но има некој “зазор” и со машина отвораме канал и со автомати го “заваруваме” со истиот материјал. Имаме и рачни фенови за краевите бидејќи автоматот до самиот ѕид не може да појде, машини за полирање и на крај ги постиламе со полиуретан во течна состојба, кој се стврднува по 2 часа и плочките стануваат многу отпорни на абење, не навлегува нечистотија, лесно се одржуваат. Може што се вели и базен да се прави и да не пробие вода – објаснува Божиноски. 

Располагаат со повеќе наменска бризгалка за пластика, која може да прави вангли, гајби и може да вади сé и сешто во зависност од алатот. Преговараат, до крајот на годината да увезат пософистицирана опрема, која ќе биде краен стадиум на развојот.

– Планираме производство на ПВЦ ролни широки 2 метри и бесконечно долги. Продуктивноста ќе порасне за петпати. За 1 час, наместо 15, би произведувале 80 м2 и за иста потрошувачка на електрична енергија и ист број ангажирани работници. Монтажата ќе биде побрза, а ќе бидеме и поконкурентни на тендерите кои бараат ролни заради експлоатацијата без спојувања. Инвестицијата е околу 150 илјади евра преку кредитно задолжување – објаснува Божиноски. 

Станува збор за семеен бизнис, што покажува и името на фирмата . Покрај Љупчо, задолжен за сервисирањето на машините, сопругата Нада се грижи за книговодството и комерцијата. Едниот син ги води монтажите и производството, а другиот – маркетинг и тендери. Размилуваат да го зголемат бројот на вработени. До Агенцијата за вработување доставиле барање за поддршка на новите вработувања со стимулациски субвенции.             

Loading