ЛОКВЕНЕЦ ВЕТИ ГАСИФИКАЦИЈА

СДСМ на работното лето во Прилеп

“На народот не му треба храбрење, нема повеќе страв. Народот бара акција. Гледам луѓе со цврсто стиснати тупаници и иста мисла. Доста е од лаги, од неправди. Сакаме да живееме слободно. Си ја бараме државата назад. Не чека решавачка битка, референдум за нашата иднина, локални избори од кои сé ќе зависи. Ако ги добиеме ќе си одат и од власта и од нашите животи. Влогот е голем или Тие или Ние. Знаеме дека не треба да грешиме. Заедно можеме сé. Да победиме за нашата иднина, за наша Македонија”.

Ова го рече Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ на протестниот митинг во Прилеп, потенцирајќи дека секој ден биле со народот за да ги слушнеле маките, оти граѓаните можеле да ги утврдат приоритетите.

Според Црвенковски, Македонија е држава со големи проблеми.

– Животот на луѓето е потежок. Земја сме на сиромаштија, на задолжени фирми, земја на блокирани сметки, со судски извршители, земја на незадоволни граѓани, земја на државен криминал, на пералници на пари, на местачи на тендери, на рекетари, на силеџии, земја во која се собира арач. Стопанството  пропаѓа, економијата е во минус, паѓа индустриското производство. Народот тоне во мизерија, а тие пуштаат спотови, чиниш мед и млеко тече по улиците – рече Црвенковски.

На Груевски, според лидерот на СДСМ, никој не му чинел.

– Со Андов беше во коалиција. Кога почна да  ги разобличува политиките му текна дека е транзиционен лидер. Со Тито Петковски во 2006 година направи Влада. Кога и тој почна да ја критикува политиката и него го шутна. Брат Љубе беше  херој, во Хаг го посетуваше, на аеродром го пречекуваше. Кога почна да  ја критикува неговата политика го уапси во монтиран судски процес. Љубчо Георгиевски ти беше икона, сликата и на маса и на ѕид ја чуваше и секоја вечер пред него по три пати се крстеше. Кога и тој почна да те критикува и него го прогласи за предавник, за шпион. Сите што биле со тебе, преминуваат кај мене, а ти власт, а јас опозиција. Како ја тераш работава на крајот Никола, апла сам ќе останеш – му порача Црвенковски,  на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

На протестниот митинг на кој имаше неколку илјади посетители, беше претставен кандидатот за градоначалник од СДСМ Хари Локвенец, кој рече дека прилепчани се обединиле и кренале глас да ја уништат арогантноста и самобендисаноста на власта. Негов врвен приоритет ќе било создавањето на нови работни места и обезбедување достојна живеачка за граѓаните, при тоа потенцирајќи дека ќе го решел проблемот со водоснабдувањето, со дивите депонии, а градот ќе го гасифицирал.

Loading