ХАРИ СЕ ПОТИ – ЈАНИ СЕ СОНЧА НА ХАЛКИДИКИ

За подобро утре на своите сограѓани, за подобра економија и за просперитет на Прилеп, кандидатот за градоначалник на СДСМ Хари Локвенец вети гасификација на Прилеп и побара доверба од граѓаните. Ставревски пак најави потпишување на меморандум, со кој Македонија ќе биде опфатена со гасоводот “Јужен поток”. Четири дена по промоцијата на кандидатот за градоначалник, пратеникот Јани Макрадули, кој важи за колега и близок пријател на Локвенец од студентските денови, зборуваше за гасификацијата дека е уште само декларативна заложба на Владата.

Иако пратеникот и потпретседател на Собранието, Макрадули, од струмичко, кога СДСМ го започнуваше “работното лето”, на  граѓаните им најави дека ќе им “спијат по куќи”, не ги слушна прилепчани. Не присуствуваше на промоцијата на блискиот партиец Локвенец.

Во една колумна “Чуму нервоза” напиша дека “работното лето” на СДСМ е најдобра политичка активност. Благодарен им бил на  досегашните домаќини. Секој викенд бил побогат за нови искуства,  мисла, топли совети. Но, викендот кога Бранко Црвенковски митингуваше во Прилеп за уривање на Грујо, а Хари лееше пот на отворањето на походот да ги освои симпатиите на прилепчани, Макрадули, место блиски средби со граѓаните и топли совети, избра песочни плажи и топли глетки. Наместо да се капе во пот во Прилеп, се одмораше на Халкидики, на кракот Ситонија, на плажата Каламици. Се ладеше во морската кристална вода, пиеше фрапе и играше со лопатче и кофиче со неговата симпатична ќеркичка. Наместо под палми се навали под сонцебраните и дремна малку со настранета црвена, а не сина капа. Сонот во ладовината и аромата на море му го скрши вибрацијата на телефонот. Промуабети малку, но не знаеме дали делеше совет со “далечински управувач”. Некој ќе праша каде му е патриотизмот?

Министерството за надворешни работи, на грчката амбасадорка во Македонија Александра Пападополу í врачи протестна нота во врска со случајот со лепењето налепници на новите регистарски таблички на македонските граѓани кои патуваат во Грција. Не знаеме дали и Макрадули доби налепница “ПЈРМ или ФИРОМ”! И доколку било така како реагирал на дрското и недостоинствено однесување од страна на Грција?!

Едно знаеме, уживаше во песочните плажи!

Следачите на колумните на Макрадули знаат дека, Јани често го критикува патриотизмот на политичките опоненти. Напиша колумна “Послушајте патриоти, ВМРО-ДПМНЕ да Ви каже словото…”, во која укажа дека по којзнае којпат се уверил во поразителната политика на самонаречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ.

Кога станува збор за патриотизам, новинарот Горан Момировски на Јани му порачува ич да не се секира што ќе прави, тој и го запраша “Што направи Ти Макрадули за Македонија?”.

Loading