Александар Најдоски – координатор на проектот “Пријави проблем”
Со он лајн пристапот, секој граѓанин го следи решавањето на проблемот
Од пријавени 1184, решени се 1119 проблеми
Засилена динамика
Од почетокот на јуни воведен е нов систем за поднесување на барањата од различен тип до различен орган? Што значи тоа?
Системот располага со одредени податоци за граѓаните кои поднесуваат барања или пријави. Барањата или пријавите онлајн, автоматски се пополнуваат и врз основа на тоа, до кој орган се поднесени. Се внесуваат лични податоци и контакт информации. Се избира на кој начин да бидат известени, дали по електронски пат, фиксен или мобилен телефон, дали пријавата која ја поднесол стигнала до надлежниот орган или не, дали е решена или не, кој е моментниот статус (решено, во постапка,…). Во зависност од проблемот, барањата пристигнуваат до надлежните органи, а тие преку е-маил информираат дека имаат ново барање или пријава. Со тоа се овозможува побрзо да се одговори на граѓаните. Лицата кои работат со системот, со претходно дефиниран пристап, имаат преглед на ново поднесените пријави или барања, на решените или на оние кои се во постапка. Се печати список на граѓани, кои поднесле пријави по одредени, мерки како на пример по улица, регион, име презиме, статус на барањето или слично како и на сите поднесени пријави.
Од каде дојде идејата?
Идејата беше од градоначалникот, кој важи за инвентивен и динамичен човек. Вака функционираат големите европски градови. И нашиот град ги следи европските трендови за обезбедување на квалитетни и навремени услуги на граѓаните.
Колку со тоа се зголемува транспарентноста?
Проектот “Пријави проблем” функционира од 18 октомври лани и им овозможува на граѓаните полесно и побрзо да ги поднесуваат барањата или пријавите, да можат да следат до кој статус е стигнато нивното барање, како и да добијат побрз одговор дали нивното барање е решено, процес на решавање, инвестиција во тековна година, итн. Едновремено се подобрува движењето на документацијата меѓу надлежните органи одговорни за решавање на проблемите. Расте и транспарентноста на јавно достапните услуги на Општината, се подобрува квалитетот и професионално се решаваат пријавените проблеми. Програмата му овозможува на градоначалникот да ги следи, промовира, анализира, дијагностицира и подобрува резултатите на секоја општинска служба.
Колку проблеми се решени?
Од вкупно пријавените 1184 комунални проблеми, решени се 1119. Попрецизно, за улично осветлување пријавени се 660, од кои решени се 639, а останатите 21 пријава се во процес на решавање. Паралелно се поставуваат нови светилки каде е најпотребно. Дупки на улиците се пријавени 192, 175 извршени. Престои решавање на останатите 17. Интервенирано е на улиците “Андон Слабејко”, “Мице Козар”, “Ленин”, “Егејска”, “Кире Пајмакоски”, “Пенка Котеска”, “Круме Спиркоски”, “Селечка”, “Ѓорѓи Димитров” итн. Голем придонес имаат такси компаниите 15-95, 15-73, 15-71 и 15-81, бидејќи тие најбрзо ги забележуваат оштетувањата на коловозот. Од вкупно пријавените оштетувања сите се санирани или во бројка од 67 пријавени, 67 извршени. Пријавени 250 шахти, а кај 247 се отстранети проблемите. Трите останати се во тек на решавање. Моментно се нивелираат шахтите на улиците “Александар Македонски”, поточно од семафорите до театарот, потоа “Никола Вапцаров”, спој со “Климент Охридски” и тн. Продолжува нивелацијата на шахтите со коловозот на “Кире Пајмакоски”, “Леце Котески”, булеварот “Гоце Делчев”, “Војводинска”, “Моша Пијаде” итн. Граѓаните пријавија 27 оштетувања на сообраќајни знаци од кои е реагирано соодветно на 25. Двата знака за скоро ќе се постават. Знаци има и на улиците “Тале Христов”, “Бидимаж”, “Оцка Михајлоски”, “Карпалак”, кај споменикот Карпалак и тн. Санирани се и оштетените знаци. Граѓаните да не ги оштетуваат знаците и да ги пријават оштетените на телефонот 048/412-000. Граѓаните пријавија 16 дивоградби, а интервенирано е на 15. Една пријава е проследена до инспекторатот. Се отстрануваат и мали депонии, создадени од граѓаните. Се барало чистење на 24 и уредени се сите. Кренато е ѓубрето од Паркот, на улиците “Македонска”, “Борка Стеваноски”, “Егејска”. Во трајната акција “Пријави проблем”, се кренати 14, од 15 хаварисани возила од тротоарите, паркиралиштата, улиците или парковите. Сопственикот на последниот хаварисан автомобил, оставен на јавна површина, доби рок од 10 дена да го премести возилото.
Ќе продолжи ли и понатаму овој проект?
Проектот продолжува и понатаму со поинтензивна динамика на решавање на комуналните проблеми. Оти од ноември до април асфалтните бази не работеа поради зимските услови. Тоа не е причина граѓаните да не пријавуваат оштетувања. Сите пријави се архивираат и се реализираат. Проектот наиде на интерес и кај другите општини, кои ги следат искуствата и ги применуваат – Струмица, Гевгелија, Штип и тн.