БЛЕД Е СЛОВЕНЕЧКО БИСТРО ОКО

Езерото е центар на европскиот туризам

Остров со црква

Ледниците на Јулиските Алпи со векови тагуваа за времето кога владееја со огромниот планински масив, а нивните кристални солзи долго се сливаа во мала котлина и создале магично езеро. На него долго време престојувала старословенската божица Жива и се грижела самовилите да ја негуваат и да не ја повредат бајковидната природа.

Кога завршило времето на легенди и дошла 1004. година, германскиот цар Хенрик ИИ му го подарил езерото на бриксеншкиот бискуп Албуини. Наследниците изградиле монументална тврдина и дворец на непристапниот гребен над езерото. Така е настанат средновековниот град Блед, а по него и езерото го добило името. Бледското Езеро е столб на словенечкиот туризам и заштитен знак.

Денеска убавината на овој крај привлекува луѓе од сите краеви на Европа. Се наоѓа на 475 метри надморска височина и е идеално за одмор цела година. Јулиските Алпи и Караванките го штитат од северни ветрови, па владее блага и здрава субалпска клима. Езерото има површина од 144 хектари, долго е 2120 метри, широко 1380, а најголема длабочина му е 30 метри. Летно време температурата на водата го преминува 24-от степен, па од средината на јуни до крајот на септември може да се капи во него, колку што се сака.

Остров со црква        

Под стариот град Блед има убаво направено градско купатило и прекрасна плажа, опкружена со пасторална шума.

На прв поглед се чини дека Блед е мало место и дека се доволни неколку дена за да се посетат сите туристички атракции. Но тоа не е точно затоа што понудата е разновидна, содржајна и обемна, а во околината има многу места кои треба да се посетат.

Дури тогаш може да се сфати колку природата била дарежлива кон овој северозападен дел на Словенија, во близина на реките Сава, Бохињка и Сава Долинка. Иако градот има само 4537 жители, во околината има скоро исто толку посетители, па не е секогаш лесно да се најде покрив над глава, иако во хотелите, вилите и пансионите има околу 4000 кревети.

Прво што посетителот ќе забележи е островот на западниот дел од езерото, но од крајбрежјето изгледа како да е никнато во самото срце на ледената солза.

Бујното зеленило и дрвјата скоро ја затскриваат средновековната црква Света Марија и уште постарата капела од предренесансниот период и камбанаријата висока 52 метри. 

Како и во стариот град, тврдината и дворецот на крајбрежјето и овде лутаат духови на витезите и следбениците на Карло Велики и олегискиот патријарх Павлин, а понекогаш можат да се сретнат сенки од принцот Хенрик Втори и неговата жена Кунигунде. Лесно може да се налета на старословенско бестелесно суштество од предхристијанскиот период, затоа што скелетите во 124 гроба сведочат дека на островот му се молеле на Перун, Жива, Богумила и на богот Старослав. 

Романтична венчавка

Денеска венчавка на островската црква е обележје на романтика и престиж, а обичај е младоженецот да ја пренесе својата избраничка од брегот на островот до влезот, што не би била толкава мака ако на патот нема 99 скалила. Злобниците велат дека сеуште немаат видено убаво пополнета невеста и зет кој не билдар барем шест месеци.

До Бледскиот Остров се доаѓа на традиционален дрвен чамец наречен плетно, заради платнениот покрив кој ги штити патниците од сонце. Чамџиите користат исклучиво весла затоа што е забранета употребата на мотори. По договор може да се обиколат и другите делови на езерото и подолго да се ужива во нестварната тишина која ја прекинуваат само благите звуци на веслата кога внурнуваат во кристално проѕирната вода.

На Блед секогаш има луѓе од екс – ЈУ, а најмногу во лето. Зимно време доаѓаат неискусни скијачи кои на ближниот ски центар ги учат првите чекори на снег. Во пролет и есен, кога цените се значително намалени можат да се видат средношколци на екскурзија, групи на планинари и бројни југоносталгичари, а има и доста постари луѓе кои во термалните води бараат лек за својата болка. Цените не се за наши џебови во елитните хотели, но може да се најде пристоен престој за 60 евра со доручек.

Летен одмор во Словенија, не е приоритет кај нашите туристи. Сепак сé поголем е бројот на оние кој приоритет му даваат на планинскиот воздух отколку на плажите и шаторите за сонце.

Loading