СТИХОВИТЕ СЕ МУДРУВАЊЕ

Катерина Батаклиева, поетеса

Катерина Батаклиева е поетеса која неодамна заедно со уште три “вљубеници на пишаниот збор” од земјата е застапена во најновата едиција “Русалки”.

Како се роди идејата за “Русалки”?

Низ муабет. Непланирано се појави. Првин бевме четири виртуелни другарки по поезија, потоа, без да се договориме, се сретнавме на поетски натпревар, се препознавме по поезијата. Одтогаш приватно се дружиме. Се слушаме секојдневно на телефон и се доверуваме. Од различни градови сме. Цеце е од Кавадарци, Снеже од Скопје, Аница од Тетово, ама се дружиме. Секоја имаше желба да ги вкоричи творбите, ама немаше вистински момент. Идејата за едицијата е од Снеже. И кога ја кажа, трите ја прифативме без двоумење. Како кога знаеш дека тоа е тоа. Се растрчавме по издавачи и ете – се случија Русалки.

Што ги обединува поетските стилови на едицијата?

Иако сме со различна сензибилност во изразот, различен дискурс, заеднички за стиховите е урбаниот призвук, прифатлив и лесно “сварлив”. И тоа што сме жени, се разбира, а женственоста подразбира убаво дозирана сензуалност, но и оштрина, шеговитост, мудрост и цврстина да се износи бремето на секојдневието.

Што е целта на “Русалки”?

Можеби најпрвин и најмногу сопствена сатисфакција. Задоволни сме од проектот. Иако мина цел месец од промоцијата во Скопје, уште со саати зборуваме за тоа. Целта беше да се приближи убавиот збор до пошироката, до просечната публика, која на промоцијата во МКЦ фантастично реагираше. Идејата ја даде другар ми Игор Трпче. Не беше класична промоција. Имавме водител, кој интересно го најавуваше претставувањето на секоја од нас. Не читавме поезија, туку се претставуваме, ги искажувавме своите ставови и погледи кон светот и животот. И добивме прекрасен феед бацк. Тоа е целта на секојдневната работа во животот, нели? Да нé направи среќни!

Вие сте четири, со што сте застапени во едицијата?

Русалки се Снежана Стојчевска со “Шеќер по подот”, Аница Блажевска со “Жега”, Цветанка Колева со “Ладно кафе” и мојата збирка е “Мижитатара”. Корицата ја работеше Роберт Јанкулоски, лектор ми беше Добрила Грашеска, по прилепски, по другарска линија.

Што ве поттикнува да творите?

Сите бараме издувен вентил. Не ме релаксира, на пример, планинарење или возење велосипед, ни кафе кај комшивките, па ни шопинг, како што ме релаксира пишувањето. Тоа е некое себеоткривање, бескрајно задлабочување, мудрување, кое постепено станува неопходност како вдишување и издишување.

Што пренесувате преку стиховите?

“Мижитатара” е синоним на кукавичко затворање очи пред светот и пред себе си, пред стравовите и слабостите, во ова исчашено општество во кое куртоазијата ја нарекуваат воспитано однесување, а искреноста – дрскост. 

Loading