ЛЕТ БРОЈ 21 (3)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

ЛЕТ БРОЈ 21 (3)

Го остави нејзиното кафе на масата, а таа удобно се смести во една од фотелјите.

– Забележувам, продолжи, дека со твојот далечен братучед одлично си поминала?! Нетрпелива сум да слушнам како изгледа. Ќе дојде ли дене овде…? Иако не го познавам,  мислам, па дури сум сигурна, дека ќе се заљубам во него – и рече нетрпеливо, очекувајќи  што ќе рече.

– Ох, Сузана, се закикоти Елизабета. Мојот далечен братучед не дојде. Летот беше одложен, а утрово добив телеграма дека средбата дополнително  ќе ја  договориме.

Сузана  се намурти. Под око испитувачки ја погледна.

– Чесен збор не дојде – се обиде Елизабета да ја убеди притоа чувствувајќи се малку непријатно што ја мами. Немаше храброст да и ја каже вистината, па така набрзина ја измисли приказната за својот далечен братучед.

– Мислев дека твојот принц е веќе заробен во твоите прегратки, а ти веќе си вљубена во мојот далечен братучед! – се обиде да ја пренасочи темата Елизабета.

– Во целата работа со твојот братучед, нешто ме предизвикува. Не знам уште што, но ќе ја дочекам и таа средба – и одговори Сузана, со малку поткрената веѓа и недоверлив поглед. Што се однесува до мојот принц, продолжи со задоволство, вечер ме води на романтична вечера под ѕвездите. Ќе бидам пресреќна, ако покрај приборот за јадење во рацете не ќе морам да држам и чадор, по цена на небото да нема ниту една ѕвезда. И двете гласно се насмеаја и разговорот го продолжија околу своите работни обврски. Во пријатна атмосфера работеа до крајот на денот, не спомнувајќи ни збор повеќе, ниту за принцот,  ниту за братучедот.

Следниот ден Сузана не дојде на работа, па Елизабета имаше еден куп обврски кои самата требаше да ги суреди и речиси немаше ни минута време да мисли на себе. Се чувствуваше повредена и очајнички имаше потреба да разговара со некого. И недостасуваше само еден вагон храброст тоа да го стори. И остави порака на Сузана за утринските приоритетни обврски и само што се упати кон вратата, заѕвони телефонот.

– Адвокатска канцеларија на Елизабета Вајс, повелете – љубезно се обрати на телефонската слушалка.

– Здраво Бети, мило ми е што те “фатив” пред одење – го чу шармантниот глас својот школски другар, и колега Игор.

– Здраво Игоре, навистина на време ме “фати”, веќе излегував. Кое добро те натера да се сетиш на мене. Те нема со денови да се јавиш, камо ли да наминеш? Можам да погодам, имаш  нова девојка која е толку добра што и во твојот работен потсетник мора да забележиш кога се гледаш со неа – констатира  Елизабета.

– Ме прочита. Прости ми. Знаеш, стар другар, дека кога сте ВИЕ во прашање, јас секогаш имам проблеми. Што да правам, судбина. Почнав да мислам дека сите жени на светот ме сакаат само мене.

– Опа,  дечко, па ти конечно го решил проблемот. Тајната е конечно откриена. Нема потреба женски да бараш преку оглас – му рече Елизабета, сепнувајќи се од своите зборови.

– Оф, благодарам за твоето високо мислење за мене. Така, значи, јас, моите дами ги барам преку оглас!?! Благодарам, Бети, и да знаеш идејата не ти е лоша. Можеби треба да пробам. Којзнае, можеби така ќе ја најдам вистинската, која ќе ме закотви на суво – и говореше Игор, ниту помислувајќи на она што Елизабета го мислеше во овој миг.

– Чуј,  другар, продолжи Игор, вечер приредувам забава во мојата морска куќичка. Би сакал да дојдеш, да се видиме и да го продолжиме муабетов. Ништо посебно само онака колку да се провеселиме малку, а и да те запознам со моите десет нови девојки. Ќе дојдеш?

– Игоре, знаеш од кога не сум била на забава?

– Токму заради тоа. Бети те молам, ќе биде супер. Не слушам повеќе ни збор од тебе, те чекам околу 21 часот во куќата покрај плажата.

Не успеа да изговори ни збор повеќе, Игор и го затвори телефонот. Помисли да му се јави да му се заблагодари за поканата и секако да го одбие, велејќи му дека веќе има закажан состанок. Знаеше дека е залудно да се расправа со него. Згора на тоа, тој ќе знаеше дека го лаже. Подобро е утре подготвена да го дочека кога ќе намине да и се развика, оти не отишла, а потоа, вообичаено, ќе појдат заедно на ручек, ќе се смират и ќе разговараат. Ја спушти слушалката, го исклучи светлото, заклучи и замина. На пат за дома, купи некои намирници, намина до библиотеката, зеде неколку книги за да го “убие времето ” таа вечер…

Се обидуваше да се концетрира над книгата, но тоа никако не и одеше од рака. Се напи кафе, пушти музика, но мислите и одлутуваа секој миг на друга страна. Нервозно прошета низ станот. Изеде цело чоколадо, место не ја фаќаше. Ги изброја сите 20 удари на ѕидниот часовник, не знаеше што да прави.

– Можеби треба да си купам папагал, размислуваше Елизабета гласно, тогаш не ќе морам  да си разговарам сама. Запали цигара вовлече длабоко и, двоумејќи се самата себе, си се убедуваше, “Можеби  треба да појдам на забавата…” Не чекајќи да се премисли ја изгасна штотуку запалената цигара и со трчаница стигна до плакарот. Го извади омилениот миниќ, се разбира, и тесен и црн. Го облече ја расчешла косата, малку се нашминка и седна да го чека следниот удар на ѕидниот часовник. Решена да замине кај Игор, почна да ја обзема чудно чувство. Чувствуваше тинејџерска возбуда небаре ќе оди  на својот прв состанок. Елизабета, тебе дефинитивно и вселенски брзо ти треба некој, мислеше обидувајќи се да ја врати својата смиреност. Часовникот отчука точно 12. За миг повторно се двоумеше. Го поправи црвилото на устата и  замина.

За да стигне до “морската куќичка” на Игор и требаа 15 минути возење покрај Големата плажа. Вечерта беше пријатна. Малку студено, но не врнеше. Возејќи се, се опушти, се чувствуваше пријатно.

Продолжува

Loading