ВРЕДНИТЕ РАБОТНИЦИ ВЛЕЧАТ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

Нат текстиле

Произведуваат женски хулахопки и чорапи исклучиво за Германија односно за маркетите Алди

Добрата работна сила со која располага градот во сферата на текстилната индустрија, е магнет за странските инвеститори. Квалитетните текстилни работници кои за кус период успеваат да се обучат на современите машини се пресудниот фактор што компаниите од надвор, се определуваат да вложуваат во производствени капацитети во градов.

Една од повеќето грчки фирми кои успешно работат во градов е фирмата Нат текстиле, лоцирана во поранешните простории на Современ дом. Произведуваат исклучиво женски хулахопки и чорапи и целото производство се пласира во Германија.

Сопственик на фирмата е Кристос Кочанис. Во Македонија, претставник на фирмата е Маркос Сереос. Тој е главната алка меѓу сопственикот и работниците кои се задоволни од исполнувањето на обврските од работодавачот. Сереос е скромен и умерен во кажувањето и вели дека одат чекор по чекор, но сигурно.

– Произведуваме женски хулахопки и чорапи исклучиво за Германија, односно за фирмата Алди. Извозот го регулираме преку фирмата МК текстил. За нашите производи нема ништо специфично, освен добриот квалитет. Во маркетите Алди прво нарачуваат производи од кај нас, па после од другите. Нашата компанија ја основа Илијас Тоноглу кој почина. Желбата му беше да се отвори тука фирма. Пресудно беше добрата клима за работа, вредните работници и поволните услови. Почнавме да работиме само пет дена во две смени, но со тек на време почна да се работи шест дена неделно во три смени. Стартувавме со 10 машини и 15 вработени. Како што се зголемуваше бројот на машините, така растеше и бројот на вработените. Обезбедивме потоа 60 до 70 машини, за сега да имаме 90 вработени и 85 машини. Постојано го зголемуваме и бројот на работници и на машини. Планираме да земеме уште машини и да дојдеме до над сто машини и преку сто вработени – објаснува Маркос Сереос, менаџер на Нат текстиле.

Производствениот капацитет е на површина од 2 000 м2 во просториите на поранешен Современ Дом кои ги користат под кирија.

– За понатаму планираме да земеме поголем простор и да направиме нов објект. Сега е тешко за работа во цела Европа, па затоа правиме мали чекори и се чуваме од глупави решенија. Се развиваме бавно, ама сигурно – вели Сереос.

Сé на сé , задоволни се од Прилеп.

ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ

Погонот на Нат текстиле располага со технолошка вода, но не и со вода за пиење. 

– Линијата за питка вода треба да се донесе до погонот, но тоа оди многу тешко. Тоа е поголем проблем што нема вода за пиење, но и тоа ќе го решиме. Вода има само до Современ Дом, понатаму нема – вели Сереос.

Loading