СВЕЖИНА ПО МЕРКА НА ГРАЃАНИТЕ

Интервју: Никола Димески – нов претседател на ОК на ВМРО – ДПМНЕ

ВМРО – ДПМНЕ ќе охрабрува сé повеќе луѓе, без разлика на досегашната политичка определба, да ги стават капацитети во функција на партијата, а со тоа на Македонија

Во конкуренција од 36 апликации за координатор на ОК на ВМРО – ДПМНЕ, а по последниот филтер од 6 кандидати, по извршеното интервју, лидерот Никола Груевски одлучи да Ви ја довери функцијата претседател на општинскиот комитет за Прилеп. Со што ја заслуживте довербата и што беше пресудно?

– Правилниот избор на претседател на Општински комитет е многу сериозна и стратешка работа која вклучува подолга процедура, а изборот за Прилеп е важен, бидејќи е бастион на ВМРО – ДПМНЕ. Интервјуто кај претседателот Никола Груевски, е разговор на кој секој кандидат ја претставува својата визија и концепт за функционирањето на ОК. Кандидатите минуваат низ повеќе партиски комисии, детално се анализира капацитетот на кандидатот, учеството во партиски активности, се прават анкети за рејтингот како помеѓу членовите на партијата, така и меѓу граѓаните. По завршување на постапката и анализата, претседателот Груевски одлучи да ми ја довери функцијата.

Која е вашата визија и мисија за делување на политичката сцена како позиција? Планирате ли внатрепартиски промени?

– Поттикнати од големата поддршка на граѓаните,  продолжуваме да ги исполнуваме ветените проекти во изборната програма. Прераснувањето на партијата во движење е тренд, кој граѓаните го создадоа преку масовната поддршка на политиките на ВМРО – ДПМНЕ и приклучувањето кон партијата. ОК секогаш бил отворен за граѓаните и ќе продолжи и во наредниот период со засилено темпо, преку охрабрување на сé повеќе луѓе, без разлика на досегашната политичка определба, националност или образование, кои сакаат своите капацитети да ги стават во функција на ВМРО – ДПМНЕ, а со тоа на Македонија. Тоа ќе внесе нова сила во партијата и нов бран луѓе со свежина во работењето на ОК.

Топењето на разликата од 18 000 гласови на последните лански парламентарни избори на само 2 000 гласови за многумина е показател дека за Прилеп бледи епитетот “вмровски бастион”?

– Бројките со кои лицитирате се доста погрешни и некој може да добие впечаток дека сме ги загубиле изборите во Прилеп. Потсетувам дека од 2005 година и шест изборни циклуси, ВМРО – ДПМНЕ има извојувано апсолутни победи. Граѓаните ја препознаа вистинската опција и ни дадоа целосна доверба за конечно спроведување на реформи за подобрување на животот, ги одбраа политиките на ВМРО – ДПМНЕ, затоа што тоа се политиките за придвижување на Македонија во вистинската насока, но и го зачувуваат ткивото на македонскиот народ и нација. Во таа смисла, Прилеп бил и ќе остане вмровски бастион.

Опозицијата ги критикува јавните претријатија. Се размислува ли за евентуална свежина со нов кадровски бран.

– ВМРО – ДПМНЕ е сериозна политичка партија која презеде   обврски кон граѓаните. Насочени сме кон исполнување на проекти за потребите на граѓани. Новиот бран кој што го претстави партијата  внесува енергија, свежина и посветеност. Работата е на постојана оценка од граѓаните. Последниот збор за тоа кој да продолжи да ја извршува функцијата, а кој да се одмори или да оди на друга функција, секогаш го имале граѓаните, а не паушалните обвинувања на СДСМ. Опозицијата треба да ја критикува власта. Многу би се радувал кога би имале силна и сериозна опозиција, која аргументирано, со проекти и конкретни решенија ќе се спротивстави на власта, а сето тоа за доброто на граѓаните. За жал, во Прилеп ниту имаме сериозна, ниту силна опозиција.

– Претседателот Никола Груевски најави конкурс за кандидати за градоначалници. Се гледате ли во таа позиција и кои би можеле да бидат потенцијалните кандидати за профилот – “татко на градот”?

– Целосно сум посветен на доверената функција. Не размислувам за друг ангажман. Вистинскиот профил за “татко на градот” има име и   презиме, а тоа е Марјан Ристески. Нормите на работа и успех,  поставени од Ристески, треба да бидат репер за секој кандидат за градоначалник.

– Познат е кандидатот на опозицијата за локалните избори в година? Колку е серизен конкурент?

– Споменав, ниту имаме сериозна, ниту силна опозиција. Стари ликови кои ништо не нудат, ниту за градот, ниту за граѓаните. Тоа се луѓе на кои “за ништо око не им трепнува”. Луѓе кои никогаш не биле со народот и за народот, туку за своите, и само за своите, лични интереси. Ветуваат дека ја научиле лекцијата и дека никогаш повеќе немало да се оддалечат од народот, а до скоро ни се потсмеваа дека сме селска партија, земјоделска партија, партија од народот, а не “елитата”. Им благодариме, одлично нé окарактеризираа. Се гордееме со сите овие епитети кои ни ги дадоа. Се гордееме, затоа што тоа е вистина, ВМРО – ДПМНЕ е партија од и за народот.

– Врие ли во членството? Се бараат вработувања, а слободните места се помалку? Како да се добие социјален мир?

– Партиското членство е силно мотивирано, обединето и посветено. Проблемите се генерални, на сите граѓани. ВМРО – ДПМНЕ постојано презема активности за решавање. Не се спуштаме на нивото на опозицијата, туку СДСМ е онаа која што треба да í парира на ВМРО – ДПМНЕ. Затоа што ние поставивме репер за успешно, искрено, чесно и одговорно владеење.

Ако хигиената е на високо ниво, имате ли таргет странски инвеститори кои би ја придвижиле економската зачмаеност во општинава?

– Улогата на локалната самоуправа е да создаде услови за странски, но и домашни инвестиции. Мора да имаме во предвид во какви услови го затекнавме градот во 2005 година. За пример, не беше асфалтиран околу 65 отсто. Се асфалтираа повеќе од двеста километри локални и регионални патишта, вклучително и третата лента на Плетвар. Дополнително, 63 отсто немаа атмосферска канализација а пак 67 отсто осветлување. Целото време санираме последиците од раководењето на СДСМ и создаваме услови за влез на инвестиции во градот. Напорната работа на локалната самоуправа на чело со градоначалникот Марјан Ристески веќе дава резултати. Неодамна се продадоа 21 парцела во индустриската зона Прилеп 1. Интересот беше огромен. Се очекуваат околу 2500 нови работни места. За скоро време ќе се продаваат парцели уште во три зони. Тоа ќе донесе неколку десетици милиони евра инвестиции и преку 5000 нови вработувања. Локалната самоуправа и ВМРО – ДПМНЕ го решаваат најгорливиот проблем во државата, а нашите политики веќе дава реални ефекти.

Никола Димески е роден во 1979 година во Прилеп. од 2001 г. станал дипломиран филолог по англиски јазик за да продолжи со магистерски студии, здобивајќи се со титула магистер по филолошки науки во 2006-та година. Од 2011-та е докторант на Факултетот за јазици, култури и кумуникација на Универзитетот ЈИЕ.

Работната кариера ја започнал како професор по англиски јазик во ОУ “Климент Охридски” во Прилеп во 2003-та г. Од 2004-та г. бил професор по англиски на работничкиот универзитет во Скопје. Наредната година заминува во САД каде до 2006-та г. работел како менаџер на театар и менаџер на студиите по Обука за Бизнис администрација и менаџмент. Паралелно од 2003-та до 2008-ма работел како менаџер за развој на студентски програми во компанијата ГТЦЕ. Од февруари 2008-ма е извршен директор и главен и одговорен уредник на локалната телевизија Канал Визија. Од декември 2008 г.  е на Економскиот факултет во Прилеп, каде што во моментов е професор по Англиски јазик, функција што ја работи паралелно со новостекнатата позиција, (во септември 2011-та до сега) Директор на магистерски МБА студии на Франклин Универзитетот од Охајо, САД со седиште во Универзитетот “Свети Климент Охридски”.

Има вршено преводи и стандардизација на економска терминологија и изработил повеќе трудови од истата област. Бил учесник на повеќе семинари и студиски програми.

Loading