“ЏИНОТ” СЕ БУДИ

Паѓаат загубите во Тутунскиот комбинат

Мерките за подобрување на конкурентната способнота раќаат плодови

Еден од четирите загубари во земјава Тутунскиот комбинат (ТКП) е на пат за постепено подобрување на статусот пред септемврискиот тендер за продажба. Во мерките за стабилизирање, ТКП ќе откупува тутун во картони и предвреме и ќе настојува да го поефтини производството. Менаџментот презема мерки за раст на искористеноста на фабриката на цигари од сегашните 10-15 отсто, на 50-60 проценти. Презементите потези ги намалија загубите.

Првиот човек на ТКП, магистер Александар Дерменџиев, открива дека предност што ќе се искористи во ТКП е падот на производството на ориентален тип на тутун во Грција и Бугарија.

– Лани откупивме и продадовме три илјади тони тутун. Речиси е платен и продаден тутунот. Вратен е околу 80 отсто од кредитот за исплата на кооперантите. Ќе откупиме пак околу три илјади тони и тоа со гаранција од купувачите. Ќе инвестираме во откуп на тутун во картонска амбалажа, со што ќе постигнеме повисока цена и едновремено ќе го поефтиниме процесот. Од друга страна, ќе порасне конкурентската способност. Подобрен е процентот на кало и на рандеман – изјави Дерменциев.          

Според него, фабриката за цигари е ангажирана со 10 – 15 отсто.

– Настојуваме да ја кренеме искористеноста на 50 – 60 отсто. Формиран е маркетинг сектор за подобрување на продажбата на домашниот пазар. Се чувствуваат резултатите. Евидентиран е пораст на учеството на прилепски цигари на пазарот. Особено со редизјанот на паклото и лансирањето на нови видови цигари. Заземаме околу 19 отсто од нашиот пазар. Тоа не е доволно – рече Деременџиев.

ТКП настојува да извезува, иако е комплицирано да се пробива нов непознат бренд во странство.

– Привлекуваме партнери за лиценцно производство со конкурентна цена и квалитет, за сметка на намалување на трошоците на репроматеријалите. Потпишавме договор со кинески партнер. Веќе излегува првиот контејнер од другиот кинески партнер, каде работиме на облагородување – вели Дерменџиев.

ТКП евидентира околу пет милиони евра загуба лани. Причините, главно, се објективни и системски, односно превработеноста на околу половина од вработените, потоа загубените пазари.

– Не е лесно, гломазниот џин да се претвори во профитабилна фирма. Загубата изнесува пет милиони евра или помалку од лани за 500 илјади евра. Се уваживме да презентираме реални извештаи, да не се сокрива ништо под тепих. Отпишани се старите ненаплатливи побарувања, како кон Македонија табак. И други нереалани побарувања не се ставени, исчистени се. Потребна е реална слика за ТКП за претстојниот тендер. Се сервисираат сите обврски кон банките, освен дел кон државата. И тие обврски ќе се претворат во акционерски капитал – рече Дерменџиев.

Околу 1070 работници немаат заостанати плати и обврски по плати, кои се исплаќаат до 15-ти – во месецот.

Тендер за продажба со сите вработени

Има фирми кои покажуваат интерес за купување на ТКП. Министерството за економија го подготвува тендерот за септември.

– Оптимист сум дека потенцијален учесник на тендерот може да биде сегашниот кинески партнер. Но, рано е за заклучоци. Главната интенција на владата е да ги задржи сите вработени наредните 4-5 години. Да се продаде ТКП, подобро е да се подели на производство на цигари и откуп и преработка на тутун. Така полесно ќе се најдат потенцијалани купувачи, но постапката е подолготрајна – вели Дерменџиев.

Loading