ТУТУНАРИТЕ СЕ ОПАРИЈА СО ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА СУБВЕНЦИИ

Турканици ќе има денеска пред банките, оти започнува исплатата на околу десет милиони евра субвенции за предадениот лански род на тутунот во прилепско. Над 13 илјади коопернати, на дел од откупувачи во земјава, ќе ги добијат на трансакциските сметки субвенциите по 60 денари од килограм, предаден тутун.

 

Тутунарите ги тријат рацете. Парите им се добредојдени за унапредување на годинешната производствена кампања.

– Парите стасуваат на време. Треба да се подхрануваат насадите со вештачки ѓубрива. Потребни се плаќања на аргати за претстојната берба, но и за враќање на борчовите. Дел од парите ги насочив за купување на машина нижење – вели тутунарот Илија Стеваноски, кој лани произведил околу два тони тутун и очекува околу две илјади евра, државна поддршка.

Лани откупувачите презедоа од прилепско околу 12 илјади тони тутун. Според проценките на тутунските здруженија, годинава се зголемени површините и бројот на кооперантите за најмалку 20 отсто. Се очекува да се произведат над 15 илјади тони ориентален тип на тутун “Прилеп”.

 Менаџментот на Тутунскиот комбинат информира дека расте побарувачката на ориентални типови тутун на светскиот пазар, поради падот на производството во Грција и во Бугарија.

Loading