Гимназиски првенец со светски амбиции – Мимоза Насеска
Со помош на локалната самоуправа и бизнис секторот надарената матурантка ќе патува првин во Канада, а после ќе продолжи да студира на љубљанскиот универзитет
Гимназијата “Мирче Ацев” е лулка на знењето во повеќе области. Во нејзините клупи учеле голем број на добитници на државни, меѓународни и светски награди. Да се биде првенец на генерација во Гимназијата, покрај толкава конкуренција воопшто не е за потценување.
Годинава, носител на ова одличје е скромната Мимоза Насеска, која станала првенец со своите трудови посветени на астрономијата и физиката.
– Не чувствувам голем товар со тоа што сум првенец на генерација. Тоа го сфаќам како краен резултат на целокупното учење и работење во и надвор од гимназиската програма. На комисијата, за одлуката, í помогнаа моите посети на летни школи во Србија, на истражувачката станица Петница и во Хрватска во Вишњан, каде се собираат млади љубители на астрономијата и физиката. Пак ќе одам во Вишњан, но овојпат како асистент, затоа што одлично ја совладав програмата да предавам и да го пренесувам знаењето – вели Мимоза, додавајќи дека сепак е сатисфакција да се биде прва во цела генерација.
Летово има набиена агенда, затоа што првин ќе престојува во Онтарио, Канада, на симпозиумот на млади физичари. Во Канада ќе оди по директна препорака од професор од Хрватска кој видел дека кај Мимоза “крвта и врие за физика”. За патувањето во Канада, средства дале од Локалната самоуправа во износ од 30 000 денари, а бизнис секторот се одѕвал со вкупна сума од 46 000 денари. Паралелно се подготвува за запишување на факултет.
Потсетувајќи се за животната љубов кон физиката, вели дека уште во основно училиште, при посетата на планетариумот, се “закачила” за астрономијата. Понатаму разбрала дека астрономијата е нераскинлив дел од физиката, па во гимназијата се надградувала на ова поле. Не мирувала ни за летниот распуст. Ја посетувала Академијата Микросам. Првите две години читала достапна литература, а подоцна програмирала со компјутер симулации на експлозии на ѕвезди и судири со астероиди.
– Гимназијата дава елан, полет, самостојност и, што е најважно, самодоверба дека може да се успее. Професорот Игор Димески има голем удел во моето осознавање и развивање на научниот ум. Омилени предмети ми беа физика, математика, информатика и, чудно, но вистинито, филозофија. Мајката на науките ја сакам бидејќи ја сфаќам како метод за размислување и различно гледиште на ист проблем. Ја сакав и биологијата, бидејќи има место за истражување во мистериозните предели на неуроните на мозокот што до ден-денешен не се потполно изучени – вели Мимоза, потенцирајќи дека е идеална климата за усовршување за определен предмет во Гимназијата.
Потребни се само формалности за уписот во љубљанскиот универзитет. Го одбила Кембриџ, заради далечината, и заради фактот што нема да може да í се оддолжи на Македонија за тоа што Татковината го вложила во неа. Близината, можноста за стипендија и договорот меѓу Македонија и Словенија за реципроцитет на студентите се главните причини зошто го избрала словенечкиот факултет по физика. Влијание имало и близината со Австрија, за која вели дека е епицентар на астрофизиката во Европа.
– Споредувајќи ги програмите на македонските факултети и факултетот во Словенија, не ми требаше двапати да размислам каде ќе продолжам. Словенечката програма нуди отворени врати за понатамошен образовен развој, а има и добар сооднос на теоријата и праксата. Таму може да се смени насоката во текот на студирањето и имаат одлична програма за соработка со тамошните институти, како на пример Кршко. Имам доза на страв од непознатото, како ќе ме прифатат, дали ќе се снајдам, но оптимист сум по душа, и се надевам на најдоброто.Од помош ќе ми е тоа што во Словенија одам заедно со 50 – тина студенти од Битола, ама само јас сум на Факултетот за физика – објаснува првенецот Мимоза, додавајќи дека нема непотребни предмети, туку само предмети важни за струката.
Не планира да заврши како дипломиран физичар, туку уште од сега размислува за магистерски студии. Веќе одбрала “фаворити” – нуклеарна физика, нано физика и медицинска физика. И лежат и интердисциплинарните студии, затоа што í нудат поширок поглед на “Големата слика”.
Во иднина се гледа во некој од светските центри за применета физика – ЦЕРН или ФЕРМИ. Тежнее да го работи тоа што го í е во душата и да ја задоволува жедта за постојано учење.
– Потребна е самоувереност и да го следат тоа што го посакуваат, без страв за самоизразување – е пораката на одликуваниот гимназиски ветеран упатен кон новите ученици.
![]()

