ДРАГА ЕСНАФСКА НАГРАДА – МУЗЕЈ НА ГОДИНАТА

 

Гордана Данилоска – Спироска – директор на НУ Завод и музеј

 Илјадници луѓе низ светот ги видоа книжните икони

 Светлина за артефактите од депоата

             Музејот е добитник на високо признание од еснафот. Како скокна музејот кон врвот?        

На конкурсот објавен од страна на Македонскиот национален комитет на ИСОМ, Завод и Музеј Прилеп поднесе пријава за категоријата музеј на годината, со проектите за постојана поставка во Меморијален музеј 11 Октомври 1941, археолошка поставка и Каталогот за тутун. Комисијата од еминентни членови на македонскиот национален комитет, самоиницијативно го издвои каталогот за тутун и го рангира во категоријата музејски работник на годината. Завод и Музеј ги доби и двете награди – Музеј на годината и музејски работник на годината – авторот на каталогот за тутун Александар Цветкоски и двете за 2011 година. Наградата претставува особена чест за нашата установа, бидејќи ја добиваме од колегите, од музејските работници според меѓународни музејски стандарди.

 

            Зафрлената поставка на музејот 11 Октомври доживеа ревитализација, или ново издание. Музејот е отворен, што не било одамна?  

 

            Не била реновирана 30 години  поставката во Меморијалниот музеј 11 Октомври 1941. Беше целосно руинирана. Со средствата од Министерството за култура и локалната самоуправа ја модернизиравме, осовременивме, според важечките критериуми на музејска презентација.

 

            Бел ден во друго руво виде и археолошката поставка на музејот, збогатена со извадените од мракот на депоата стотици артефакти, кои сведочат за културниот и историскиот темел.

 

            Постојаната археолошка поставка, единствена во земјава од овој вид,  опфаќа експонати од Прилеп и прилепско од праисторијата до средниот век. Поставката предизвика интерес кај домашната стручна јавност и кај странските туристи. Посети имаа и учениците од основните и средните училишта.

 

            Издадовте содржински раскошен каталог на македонски и англиски јазик за експонатите на музејот за тутун.

 

            На каталогот за тутун со особено залагање, вклучително и со Билјана Темелкоска и Диме Димески, работеше колегата Александар Цветкоски. Се подготвуваше две години. Тоа подразбира подготовка на текстовите, избор на предмети, снимање и изработка на фотографии. Резултатот е каталог,  модерен и единствен по својот изглед, дизајн и концепција. Затоа сметам дека наградата отиде во вистински раце, кај колегата Цветкоски.

 

            Богатството книжни икони го презентиравте низ светот?

 

            Се изложија книжните икони од 18 и 19 век во рамките на меѓународната соработка во Србија, во Нови Сад. Со восхит беше дочекана изложбата од Македонците таму и од жителите на Нови Сад и Белград. Според директорот на Музејот, книжните икони ги виделе околу 6000 посетители. Можност да уживаат во мајсторствата на сликарите имаа и граѓаните од повеќе балкански земји и сите поголеми градови во Македонија. Збирката првин се презентира во Македонскиот културен центар во Њујорк. Ретка е збирката на книжни икони. Нема толку голема колекција ниту една институција. Располагаме со околу 200 вакви икони, а за презентација се подготвени 33, симболично врзани за годините на живот на Исус Христос.

 

            Годинава ќе се дотеруваат фасадите на старите градски куќи. Се тргнува со убавицата, со куќата на Бектешовци?

 

            Заводот и Музеј во проектот на Владата за обновување на фасадите во градовите ќе ја обнови фасадата на куќата на Бектешовци, изградена во 1923 година. Реализацијата ќе се одвива во август, септември и октомври. Како месно надлежна институција, ќе се обновува фасадата и на една куќа во Крушево. Од списокот регистрирани 45 куќи за културно наследство во Прилеп, издвоивме 16 за најрепрезентативни објекти на градска и амбиентална архитектура. Министерството одвои пари за обновување на фасадата на куќата на Бектешовци, оти е најрепрезентативен пример на градска куќа. Богата е со керамопластична декорација и ја отсликува европеизацијата на Прилеп во тоа време. Таа е  доказ дека градот не бил заостаната турска касаба, туку практикувал модерни европски текови како во живеењето, така и во архитектурата.

 

            Што ќе работат археолозите?

 

            Ќе се работи конзервација на локалитетот Стибера. Капиталниот проект доста се истражувше. Ќе се конзервираат истражените работи, бидејќи без конзервацијата, истражените и откриени објекти, ќе бидат препуштени на забот на времето и уништени од големите температурни разлики. Ќе се конзервираат дел од бедемите и култниот објект. Конзервацијата почнува следната недела и ќе трае подолго. Ќе ископуваме на праисторискиот локалитет во Мариово, Сламите, ќе се работи на Македонските гробници кај селото Горно село.

 

            Бетонски колови под саатот

 

            Дали ќе се консолидира Саат кулата, како што беше најавено?

 

            Да, ќе ја санираме, односно консолидираме Саат Кулата. Се подготвува проектот, по што ќе следуваат административни работи, тендер, па реализација. Последните мерења кажуваат дека искривувањето на Кулата од основата е 85 см. Според стручнаците, не е алармантно. Со средства од Министерството и од локалната самоуправа, санацијата доаѓа во вистински миг. А таа подразбира стабилизирање на Кулата во постоечката положба со систем на бетонски колови со длабочина од 6 до 9 м.

 

            Плоча на конакот  

 

            Ќе се гради и првата фаза од источниот конак во манастирот Свети Арахангел Михаил во Варош. Првата фаза опфаќа изградба на конакот до првата плоча.

 

Loading