НАРОДНИТЕ ИЗБРАНИЦИ НА ДЛАНКА

Пратенички канцеларии за граѓаните

Се бараат вработувања, социјална помош, објаснувања на законите за легализацијата, но и измени на законите

            Отворени се вратите на канцелариите за граѓани кои остваруваат средба со пратениците. Ваква е сликата во отворените канцеларии на тројцата прилепски пратеници од власта и од опозицијата. Асистентите велат дека граѓаните бараат решавање на некој проблем секој ден или пак информации од нивните избраници. На услуга сме им на граѓаните секој ден од осум до 13 часот. Просечно месечно се прифаќаат средби со пратениците на околу педесетина граѓани, а регистрираме 30 – 40 предмети – велат асистентите во двете канцеларии за контакт со граѓаните. Дарко Милошески, дипломиран електро инженер, оствари средба со пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Ана Лашкоска. Како информатичар се интересирав за законите од областа на информатиката. Сакав да знаам колку треба да бидат застапени информатичарите во фирмите, во ова време, кога сé се одвива по електронски пат. Задоволен сум од одговорот – изјави Милошески.

Петок е “ударен” ден. Канцелариите се пребукирани за контакти со пратениците.

Секогаш кога не сме зафатени во Собранието времето го посветуваме на  граѓаните. Ние сме продолежна нивна рака до системот. Одиме и на терен. Се среќаваме и со граѓаните од другите места од ИЕ 4. Барањата се различни. Некои се лични. Повеќемина се интересираат за законите, донесени во изминатиот период. Бараат одговор на некои нејаснотии од областа на градежништвото, за процесот на легализација на дивоградбите, за социјалата, социјалната помош, детскиот додаток… Често бараат вработување, иако не е наша надлежност. Сепак помагаме. Насочивме граѓанин до Бирото за вработување и му објаснивме како може да ги искористи проектите на Владата. Проблемите се решаваат – велат пратениците Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија од ВМРО – ДПМНЕ. Пратеникот од СДСМ Горан Сугарески вели дека често се среќава со граѓаните и во сабота, а по нивно барање одел и на терен. Често одам и по селата, да бидам поблиску до гласачите. Достапен им сум и на телефон. Најмногу бараат вработување, решавање на проблеми во земјоделството, намалување на давачките… Бараат да предлагам измени во законите, особено во економијата – вели Сугарески.

Loading