За изградбата на пречистителната станица за отпадни води во, која ќе чини околу 20 милиони евра, заинтересирани се 20 фирми од земјава и од странство. Претставници на фирмите, кои учествуваат на тендерот, беа на терен да се запознаат со условите и местото каде треба да се гради станицата. Темпото на процесот на изборот на најповолен изведувач го диктира Европската Комисија, зашто поголемиот дел од средствата за изградба се од ЕУ фондовите.
На тендерот учествуваат фирми од Грција, Бугарија, Германија, Словенија, Босна и Херцеговина, Франција, Словенија, Србија, Холандија и од Македонија.
– Заинтересираните изведувачи го сликаа теренот, го разгледуваа пристапниот пат за да дадат добра понуда и да направат соодветен проект – вели Сашо Николоски, директор на ЈП Водовод и канализација под чии ингеренции е изградбата на станицата.
Тендерот е распишан на 2 мај, а краен рок за поднесување на понудите е 6 август. Изведувачот треба да направи и основен проект, за кој се дава рок од три месеца. Потоа ќе следи период за ревизија на проектот.
– До крајот на годинава ќе заврши изборот на изведувачот на пречистителната станица. За изградбата на станицата, која ќе чини околу 20 милиони евра, од кои две третини се пари од ЕУ фондовите, темпото на процесот на изборот на најповолен изведувач го диктира Европската Комисија – вели Николоски.
Според градоначалникот Марјан Ристески, проектот е исклучително важен.
– Прилеп ќе биде една од ретките општини на Балканот која ќе има комплетен третман на отпадните води, а водата во градската река ќе има највисок степен на чистота – изјави Ристески.