ПОЛНО ЌЕСЕ СО СТАРИ ДАНОЦИ

Драге Ѕвездакоски – раководител на секторот за буџет во локалната самоуправа

Натфрлени приходите

Над два милиони евра за улици и патишта

Како се остварува буџетот годинава, какви се приливите во градската каса?

Најновите податоци до 25 мај сведочат за повисоки приходи од проектираното. Акумулирани се 125 милиони денари или 27 отсто.

Што кажуваат споредбите со лани и со предвидувањата?   

Задоволни сме оти приходите течат по предвидената динамика. Во споредба со лани, со 98,7 милиони денари, сега се бележи раст од 26,9 милиони денари или 26 отсто. Зголемување од 6,6 милиони денари има од легализациите, 3 милиони денари собрано повеќе од концесиите, 17,5 милиони денари од продажбата на градежното земјиште и 2,2 милиони денари повеќе од надоместокот за градежно земјиште, односно од комуналиите. Остварувањето на останатите приходи е на ланското ниво. Даноците на имот и комуналните такси се исти како лани, оти  не се зголемени давачките на граѓаните. Општината излегува во пресрет во овие тешки времиња, не носејќи повисоки даночни оптоварувања.

А какви се даночите обврски на граѓаните?

Даночните стапки се меѓу најниските во земјава. Задоволни сме од приливите од даноците и комуналните такси. Има мал раст што се должи на зголемен опфат на обврзници, и тоа со ниски и непроменети стапки. Граѓаните се одговорни и дисциплинирани. Затоа да не се плашат воопшто  од нови даночни зголемувања. Со граѓаните негуваме партнерски однос, што ќе го надградуваме и во идниот период.

Во кои домени се бележи раст на приходите и зошто?

При проекцијата, предвидовме раст од продажбата на градежно земјиште и од надомест за легализација, односно комуналии. Покрај продадените атрактивни парцели во зоната Прилеп 1 и за зградата Табана, очекуваме купувачи и за останатите парцели што ќе се продаваат. Тука се локацијата на населбата за индивидуални станбени објекти Градина. На крајот на годинава, купувачите треба да ги платат и комуналиите, оти рокот им е шест месеци. И кај овие две стапки ќе ги натфрлиме приливите и ќе треба да го ребалансираме буџетот за да ги зголемиме. Остварувањата од продажбата се над очекувањата. Само од продажба на градежно земјиште 50,7 милиони денари. Веќе се остварени 19 милиони денари или 38 отсто. Тоа е знак за повеќе средства од комуналиите. Реализирани се 9 милиони од планираните 118 милиони денари. Законските одредби за инвеститорите се дека се плаќаат комуналии за шест месеци од купувањето. И овде претстојат приходи.

Градот се задолжи 500 илјади евра за градба на авениски влез од пумпата на ЛУКОИЛ до АМСМ. Дали претстојат нови намети?

Се задолжуваме со кредит од 500 000 евра од Светската банка, преку Министерството за финансии. Се чека уште потпишување на договорот. Апсолутно нема да има нови оптоварувања. Затоа што враќањето е на 10 години, со грејс период од три години, а тоа ќе го изведеме преку зголемената наплата на комуналиите. Ќе продолжи градбата на улицата “Александар Македонски” со наши средства до крстосницата Солидност. Тоа зависи од навременото ефектуирање на кредитот.

Кои проекти ќе се реализираат годинава?

Планиран е максимален износ, историски за улици и патишта, пробивање на улици и експропријација. Дури 147 милиони денари. За регулација на коритото на градската река се издвоени 19 милиони денари, за потпорни ѕидови 14 милиони, изградба на фекална и атмосферска канализација 10 милиони, реконструкција на плоштадот Методија Андонов – Ченто 15 милиони денари. Тоа е првата фаза. Очекуваме до крајот на годината со ребалансот да обезбедиме дополнителни 15 милиони. Беа обезбедени 4 милиони за фонтаната пред ЦК “Марко Цепенков”, реконструкција на спортски терени, игралишта за мали спортови три милиони денари, паркови и зеленило 15 милиони денари и субвенциите за јавните претпријатија во износ од 18.5 милиони денари.

Каква е судбината на капиталниот проект за транспортниот центар кај железничката станица?

Парцелата е подготвена за продажба. Ќе најдеме инвеститор на задоволство на граѓаните, оти нема функционален транспортен центар. Постојниот е под субстандардни услови. Новата локација и градбата треба да служи за наредните неколку децении.

Кинисува Пирамидата

Се очекува реализација на проектот Пирамида во центарот. За повеќенаменскиот објект ќе се издвојат 100 илјади евра во првата фаза.

Loading