УБАВО НАСЛЕДСТВО, СО ПОУБАВИ ИДЕИ ЗА ИДНИНА

 Дарко Јовески – директор на ОУ “Климент Охридски”

  Специфика е наставата под ведро небо во Мариово и образование на деца со посебни потреби

 Претстои опремување со нови училишни помагала 

 

Пред два месеци на местото директор на ОУ “Климент Охридски” беше назначен Дарко Јовески, професор по англиски јазик. Во образовниот процес е вклучен од завршувањето на Филолошкиот факултет во 2000 година, прво како наставник во ОУ “Круме Волнароски” во селото Тополчани. По година стаж в село доаѓа во ОУ “Климент Охридски”. Веќе десет години предавал англиски јазик. ОУ “Климент Охридски” е отворено во 1962/63 година. Во неговите рамки било и специјалното училиште “Марко Цепенков” и ОУ “11 Октомври” во селото Мажучиште. Сите се обединети веќе по 34 години. Настава следат децата од Багеска Ограда, Варошко маало, Бончејца, но се пренесуваат со автобус и деца од населбата Жабино маало – вака Јовески ја објасни личната карта на училиштето со 810 ученици, чија наобразба  е доверена во рацете на 53 наставници и придружен персонал.

 Три во едно

 

 Уникатноста е во тоа што располага со стручен кадар и просторни можности за образување на деца со специјални потреби.

– За децата со пречки во развојот се ангажирани седум  дефктолози, а по потреба се вклучува и педагогот. Дел сме од владината програма за инклузија на децата со посебни потреби во редовната настава – вели директорот.

              Јовески го наследи директорот Добривој Талимџиоски. Тој го продолжува поставениот пат на успешна соработка со Министерството за образование и локалната самоуправа.

              – Меѓу капиталните зафати последниве години се: целосната промена на фасадата на новата зграда, реновирање на санитарните јазли, нова ПВЦ дограма и нова столарија. На старата зграда целосно е сменет покривот и ставена е ПВЦ дограма, спуштени се таваните и обновена е електричната инсталација. Во подрачното одделение во Мажучиште  реконструирана е училницата и изградени се нови санитарни јазли  – вели првиот човек на училиштето.

Приоритет – помагала, врати и дворот 

Тој претендира да ја задржи одличната оценка од Државниот просветен инспекторат.

            – Покрај полето на изведување на квалитетна настава и постепено подобрување на амбиентот за учениците и наставниците, тежнееме хортикултурно да го уредиме дворот. Се надеваме на средства за комплетна смена на внатрешните врати кои “ одамна го отпеале  своето”. Претстои менување на подот и набавка на посовремени наставни помагала – открива Јовески.

             За соработката со средните училишта, директорот кажа дека на полуматурантите им се објаснува кое училиште што нуди и кои се критериумите за запишување. Спомна дека и стручната служба работи со осмоодделенците за полесен преод од основно во средно образование.

           – Психологот е достапен до 18 часот, односно цело работно време на училиштето. Редовно, секоја недела има состаноци со родителите со одредени целни групи на ученици, особено за учениците со послаби оценки,  или со повеќе отсуства, иако нема сериозни отстапувања од посетувањето на наставата. Такаречи ретки или сосема малку се учениците кои се попалави. Може да се заклучи дека наставата се следи речиси сто отсто – истакна Дарко Јовески.

             Кабинетска настава се изведува само по предметот техничко образование, затоа што е потребна “швајцарска” прецизност на  синхронизација со одморите на учениците од двете згради за да се изведува наства  во кабинетите.

              – Посебни сме што изведуваме целодневна теренска настава во Мариово. Покрај географија, на наставата под ведро небо учениците се запознаваат и со содржини од историјата, биологијата и македонскиот јазик. Учениците посетуваат рудници, историски обележја и се запознаваат со природата од овој регион. Единствени сме во цела земја со наставата на отворено а проектот на нашиот професор беше и на меѓународна конференција. Нашиот урнек се обидуваат да го преземат и да го имплементираат колегите од Битола – заврши директорот Јовески.

  Хуманитарен Велигденски панаѓур

 Прв и доста успешен проект на “новопечениот” директор беше хуманитарниот панаѓур за христијанскиот празник Велигден. Со најразлични изработки од учениците, сите посветени на празникот, ходникот на училиштето беше претесен да ги прими купувачите, затоа што празничната “стока” беше атрактивна. Собраните средства биле наменски употребени за децата со посебни потреби. 

Loading