СЕЛАТА И УБАВИНИТЕ НА ДОФАТ НА ТУРИСТИТЕ

Со патната инфраструктура до населените места и манастирите

Околу 150 илјади евра чини инвестицијата за патот, долг 2,2 километри до манастирот Свети Димитрија кај селото Селце

Над 2 милиони евра се вложени за изградба и реконструкција на локалните патишта

За 7 години направени се 200 километри патна мрежа

            Прилепската општина има воспоставено најдобри патни врски со населените места. Речиси нема село без асфалтна комуникација. Последниве години градските власти чинат напори, кои раѓаат и плодови, за доближување на манастирските комплекси до повеќе посетители со обезбедување на асфалтни патишта, заради интенциите за развој и на манастирскиот туризам, но и заради тенеденциите за зачувување на богатото културно наследство. Преку асфалтен пат се доаѓа до манастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово, од вчера и до  манастирот Свети Димитрија кај селото Селце се оди по асфалт. Околу 150 илјади евра чини инвестицијата за патот, долг 2,2 километри. Со тоа се доближува до светот  храмот и духовното одморалиште.  

            Градоначалникот Марјан Ристески вели дека последниве години речиси сите села се поврзани со градот или други магистрални патишта со асфалт.

            – Во локалните патишта се вложени околу два милиони евра. Не само што се асфалтираат, туку и се реконструираат патиштата кои биле оштетени. Така се реконстуира патот Тополчани – Канатларци.

            Продолжува брзиот тренд на реконструкции.

            – Обезбедивме патишта за сите “живи” населени места.  Со пари од локалната самоуправа и од Владата, но и од предпристапните фондови  на ЕУ досега сме рекордери во историјата на Прилеп во поставување на асфалт. Реализирани се голем број регионални патишта со средства од локалната самоуправа и од Агенцијата за патишта, и од кредитот земен од Министерството за транспорт и врски од Светската банка за обнова и развој. Пуштен е официјално и патот до Радобил, Дуње, Загорани, Веселчани со Боротино, Галичани со Беровци, Лопатица. Дел се направени, а дел се во реализација и чекаат отворање – вели Ристески.

            Програмата за уредување на градските улици предвидува асфалт и реконструкција на повеќе сообраќајници.

            – Улици се асфалтираат и по селата во договор со месните заедници. И продолжуваме понатаму – најавува Ристески.

            Направени се околу 200 километри патишта во Прилеп и околината, за седум години, што не е забележано во историјата на градот.

Пат за Трескавец

            – Годинава ќе се реализира еден многу важен и капитален објект не само за Прилеп, туку и за Македонија. Во соработка со Министерството за транспорт и врски и Владата ќе се гради патот до еден од најубавите манастири на Балканот – Трескавец. Тој се наоѓа на врвот од планината, на Златоврв. Тоа е голем зафат. Тргнува од 600 метри надморска височина, а завршува на околу 1300 метри. Ќе се вложат пет милиони евра од државниот буџет, манастирот да стане еден од најпосетените. Високата цена се должи на огромната височинска разлика. После тендерот, годинава ќе започне реализацијата и ќе трае наредните три години – вели градоначалникот Ристески.

Стартува градбата на влезната авенија

            Од Светската банка се обезбедени 500 илјади евра во првата фаза и за втората околу два милиони евра за булеварската улица, односно влезот, кој ќе прерасне во авенија. Тоа е булеварот “Александар Македонски”, на влезот од пумпата на Лук – оил до крстосницата Солидност. Се очекува стартот за скоро време.

Манастирот Св. Димитрија ја одмора душата

Манастирот “Свети Димитрија” крај Селце изобилува со чиста недопрена природа која ги плени посетителите. Отец Темелко Блажески вели дека патот ќе го направи манастирот подостапен, но ќе биде потребно да се покачи и дисциплината за одржување.

Црквата е изградена 1933 година од дарови на верниците, трговците и бакалите. Најстарата икона е од 1908 година. Слава на манастирот е Ѓурѓовден.

Конаците со 15 соби се обновуваат од 2005 година. Зградата е на три ката. Полека се облагородува и дворот. Просторот е привлечен за манастирски тузирам. 

Loading