Првиот македонски автоплац нуди 120 автомобили секој миг, зашто секоја продажба носи нова “пратка” половни автомобили
Европските прошетки на Звонко Златески го поттикнале уште во почетокот на овој век и кај нас да организира продажба на стари автомобили по западен урнек. Но, поради законските прописи, првиот легален автоплац Златески во градов, можеби и прв во земјава, никна пред неполни две години. На површина од неколку декари в град може да се најде богат избор од 120 автомобили од различни марки и “возрасти”, понови и постари, на бензин, нафта или гас, главно увезени од Италија и Шпанија. Новина е што преку Златески се купуваат половни автомобили на кредит, односно фирмата е сервис за купувачите и кај банките за конкурирање на кредит.
– Видов низ Европа како цел свет функционира со половните возила. Но кај нас, до 2003/4 г., не се дозволуваше увоз на стари возила. Само подобростоечките купувачи можеа да купат автомобил од салон, а увозните, половни, беа многу скапи поради високите давачки. Затоа доминираа Југа, 101, Фиќа, 128-ки. Со државните олеснувања за увоз, се отвори простор да го реализирам сонот од пред десетина години. Отворив легален плац на три ипол декари, со сите нишани, со сите ќатипи и мислам дека сум единствен – објаснува сопственикот Златески.
Тој е задоволен од бизнисот со автомобили зашто тие одамна не се луксуз, туку потреба. Затоа продолжува да го шири бизнисот.
– Половните автомобили се исправни, оти се купуваат од авто – куќи, а не од луѓе. Проверени се технички и оставени, зашто таму не се прифаќа сé. Тие се заменети, сервисирани со книшка, со прецизни, несменети километражи и проценети од специјални агенти. Затоа ги продаваме со комплетни документи, со платени давачки до регистрација. Ако сака муштеријата, и регистрација и таблички ќе му поставиме, само со неговата лична карта. Купувачот, додека пие кафе, без да мрдне со прст, му завршуваме работа и може да вози каде сака – кажува Златески.
Вели дека се бараат половни автомобили од две до три илјади евра на возраст од околу 10-12 години, освен ако не се БМВ и Мерцедес.
– Главно се бараат бензинци, затоа што поефтино се одржуват. Луѓето не се подготвени да трошат пари за одржување на дизел возила, кои се поскапи. Да се исплатливи, треба да се возат над 200 илјади километри годишно. За наши потреби се бензинците – објаснува Златески.
Вели дека последен хит е кредитирањето за купување на половно возило.
– Имаме договор со неколку банки за набавка на возила на кредит. Муштериите, ако се вработени во државен сектор, скоро 100 отсто добиваат кредит. И вработените во приватниот сектор, ако фирмата е во добра состојба, банките одобруваат кредит. Тука сме на дланка на муштеријата – од апликација до финиш, а тој само се потпишува. Кредитот се одобрува за 3-4 дена и се добива возило. Ова не е ново за Запад, туку секојдневие, кое сега го афирмираме овде – кажува Златески.
Тој најавува дека и кај нас за скоро време ќе дојде таканаречената “зелена плакета” за возилата кои не загадуваат и се делумно ослободени од давачки. Грците возат дизел возила само за фирми, а сите приватни се на бензин. Во Германија и Италија нужни се ЕУРО 3 и ЕУРО 4 стандардите за ниското ниво на загадување.