ВЕЧЕН РАСАДНИК НА ИНТЕЛЕКТИ Е ГИМНАЗИЈАТА

Кире Николоски, директор на гимназијата “Мирче Ацев”

Успешни лекари, правници, професори, артисти, музичари, поети, писатели, инженери, политичари учеле во гимназијата

Различноста е во сплотеноста, ентузијазмот на една младост, сонот за големи нешта, бунтовништво и непомирливоста…

Каква репутација има Гимназијата?

Гимназијата е едно од најстарите средни училишта не само во градов, туку и во државава. Основана е 1944 г. Оттогаш го носи името на македонскиот револуционер Мирче Ацев, чиј живот завршил на 04.01.1943 г. За 67 години, од гимназиските клупи излегле успешни лекари, правници, професори, артисти, музичари, поети, писатели, инженери, политичари и друг кадар. Најголем дел од професорите се образувале во Гимназијата. Од “поновата историја” – тоа се личности од јавниот живот на Прилеп и Македонија, како градоначалникот Марјан Ристески, министерот Миле Јанакиески, пратениците Димитар Стевананџија, Ане Лашкоска, повеќе пратеници, заменици министри од претходните влади, исто така учеле во гимназијава. Овде учеле повеќето лекари од градов, нам добро познати по стручноста и угледот. Речиси половина од членовите на ансамблот од нашиот театар се ученици од гимназијата како и познатиот актер, режисер и професор на ФДУ Кирил Ристоски. Потоа академски сликари, успешни бизнисмени од помладата и од постарата генерација патот до успехот ги водел преку гимназиските клупи. Поранешни ученици во гимназијата се познати во светот на науката, културата како Дарко Башески (Македонија-филм), познатиот фотограф Роберт Јанкулоски, луѓе од естрадата како уметничкиот директор на МАК-ФЕСТ, Кристијан Габроски (Ристо Бомбата), Бранко Нешкоски познат архитект и музичар, тука се вбројуваат и пејачи, манекенки, спортисти… Тешко е да се набројат сите имиња на успешни гимназијалци кои се прославиле во Македонија и надвор од неа.

Што ја прави гимназијата уникатна и различна од другите средни училишта?

Има една фраза која вели: “Гимназијата е расадник на интелигенцијата во Прилеп”. Некои се обидуваат и лошо да ја толкуваат. Сепак содржана е голема вистина – интелектуалната елита на Прилеп, од минатото и оваа сега, во дипломите од своето средно образование го има печатот – гимназија “Мирче Ацев”. Ова зборува многу, зошто сме различни од другите училишта. Не е заради наставната програма за гимназиско образование, ниту заради просторните можности. Различноста се должи и на традицијата во квалитетна едукација, примена и промоција на наставни стандарди што ги оспособуваат учениците за критичко и самостојно мислење и поттикнување на креативност.

Какви се перспективите на гимназијата?     

Визијата е овозможување на висококвалитетна и современа настава и вклучување во современите општествени текови. Се надоврзувам на текстот од гимназиската химна – “Заедно во едно сплотени”. Гимназијата е различна заради прогресивноста на видиците на учениците и наставниците, визиите за иднината. Учениците се заедно, во едно сплотени, ги поврзува ентузијазмот на една младост, сонот за големи нешта, бунтовништво и непомирливост, издржливост пред искушенијата на животот. Тоа ја прави Гимназијата уникатна и различна од другите.

Што е сработено за кусиот мандатен период?

Во гимназијата се едуцираат 34 паралелки со 960 ученици. Ангажирани се 80 вработени од кои 60 се наставници. Условите до пред одреден период, не ги задоволуваа стандардите за настава и образование на средношколци, зашто од 1947 година до пред неколку години беа преземани повремени мали инвестиции, без континуирана грижа за објектот и условите. Последниве осум месеци, од моментот на моето доаѓање на раководна функција, голем дел од своите напори ги насочив кон обезбедување подобри услови и создавање можности за реализација на градежни зафати со кои ќе се реконструира објектот. Паралелно, и од организациски аспект се подобруваат капацитетите да го вратиме изгубениот сјај на некогашната гимназија, која беше бренд не само за прилепското, туку и за македонското образование. Во тој контекст, во овој кус период, реконструирани и санирани се главните санитарни јазли, изграден е ограден ѕид, во сите 20 училници е поставен нов современ под, по европските еко стандарди, пуштена е во употреба и нова, комплет опремена фитнес сала, наменета за рекреација и развивање на спортскиот дух на средношколците. За првите три инвестиции се вложени пет милиони денари од локалната самоуправа, а фитнес салата е реконструирана со сопствени средства.

Што е приоритет за подобрување на условите?

Продолжуваме во насока на градба на имиџ на врвна средношколска установа, која ќе биде гордост за вработените, за учениците и за нивните родители. Приоритет во следниот период е уредувањето на парковските површини, изградбата на две спортски игралишта, санацијата на фасадата на целиот објект и промена на дограмата на дел од училиштето.

Плод на квалитетот на наставата се наградите?

Најдоброто се учениците. Тие континуирано постигнуваат врвни успеси на регионално, државно и меѓународно ниво скоро по сите предмети. Традицијата на успеси продолжи. Наши ученици освоија две први и едно второ место по математика на државно ниво. Во астрономијата, ученичка го одбрани лани освоеното прво место, а се освои и едно второ место. Во електроника и електротехника на тема пиезоелектричен мерач на звук, освоено е трето место, органска хемија, на тема полиуретански пени, второ место, а по информатика – програмирање, освоено е трето место во државава. Во прва помош, гимназијалците освоија трето место во државата. Имаме и врвни спортисти. Веќе три години државен првак во шах, второ место во стрелаштво и второ место на скоро одржаната Гимназијада во футсал. Гимназијалците се покажаа како одлични поддржувачи на музичката култура. На манифестацијата “Гим фест” учествуваа 23 ученици, кои ја воодушевија публиката. Од манифестацијата со хуманитарен карактер, се  собраа средства за поддршка на градбата на црквата Света Петка.

Првенец на генерацијата

            Зошто воспоставивте парична награда за најдобриот ученик?

За поголема мотивација, се доделуваат и парични награди за учениците кои постигнуваат врвни резултати на државно и меѓународно ниво. Ја воведовме наградата “Првенец на генерацијата”, која ќе се доделува на матурската вечер, а ќе биде во висина од 15000 денари. Претендираме да поттикнеме мотивацијата за учење кај учениците и постигнување резултати, а учениците да ги воочат придобивките од квалитетното образование. Затоа и нашето мото е “Знаењето е моќ”.

Кој е Кирил Николоски?        

По матурирањето во гимназијата “Мирче Ацев” во средината на осумдесеттите години, како и најголемиот дел од моите врсници, имав желба школувањето да го продолжам во Скопје, на еден од тогашните факултети при универзитетот Св.”Кирил и Методиј”. Од средношколец ме влечеше историјата како наука и историските збиднувања, особено на нашиве простори,историјата на македонскиот народ. Се запишав на групата историја на Филозофскиот факултет. По дипломирањето, секако познавајќи ги условите и збиднувањата во раните 90-ти години, работниот век не го започнав во образованието, за каде што се подготвував. Тргнувајќи од идејата за создавање на самостојна и независна Македонија, во 1990 г. активно се вклучив во политичкиот живот и долг период бев потпретседател на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Прилеп. Во 1994 г. бев избран за Претседател на Извршен одбор на СО Прилеп. По оваа функција и по едногодишната работа во ЈКП Комуналец, во 1999 г. бев назначен за Подрачен претставник на Министерството за образование и наука – Прилеп, кога првпат активно се вклучив во образовниот процес, односно работев на полето на подобрувањето и унапредувањето на образованието во општинава. Функцијата подрачен претставник на Министерство за образование и наука – Прилеп, ја извршував до 2002 г. Месецот август 2001 г. го поминав во тетовското кале. Бев еден од ретките функционери кој директно учествуваше во одбрана на Македонија од албанските терористи.

            Во Гимназија сум од 2002 г., најпрвин како професор по историја, сé до пред осум месеци. Овие десет години, бев ментор на повеќе ученици – учесници на државни натпревари кои се добитници на повеќе државни награди меѓу кои и четири први места. Од искуството на повеќе работни места, професорското целосно ме исполнува – рече Николоски.

Loading