Видео бим на пазар

Пецо Димоски, директор на ЈП Пазари

Јавно – приватно партнерство за мас – пазар со подземна гаража

Веќе две години директорот на ЈП Пазари е Пецо Димоски, кој раководи со три главни пазаришта и четири помали дисперзирани пазарчиња во локалните населби. На располагање имаме големи површини, и тоа стариот централен градски пазар со 5000 м2, млечниот пазар со 1600 м2 и кванташки пазар со 18000 м2. Кадарот од 27 вработени ги задоволува потребите и за остварување на идните проекти – се првите зборови на Димоски. Централниот стар пазар, кој е отворен во 1956-та година заедно со управната зграда е подложен на модернизација, интензивирана во периодот 2010/11 со вложување на 10 милиони денари, бидејќи пет децении наназад скоро ништо не било вложувано во подобрување на условите. Со подготвени физибилити студии, ќе се изградат нови објекти со јавно-приватно партнерство.

Објект со апартмани за пазарџиите

Од реализираните проекти за подобрување на услугите и условите за закупците и граѓаните како најважни се имплементацијата на ХАСАП системот во млечниот пазар, целосна покриеност на пазарот со хидранти и со основни хигиено – технички услови и целосната легализација на објектите во пазарот. Последна новина е изработка на веб страница за информирање на граѓаните, која постојано се ажурира. До крајот на април се планира да се постави и видео бим на влезот од пазарот со проекција на цените на производите.

– За целиот пазар е изготвена физибилити студија и идејно решение за изградба на трговско деловен објект, кој би имал подземна гаража и два ката за административни потреби екслузивни бутици и продавници. ДУП-от за овај проект е веќе изготвен. Планирано е паркинг просторот да биде со површина од 1600 м2 и да собира 50-60 возила. Останатите два ката би биле со површина од 4500 м2 за млечниот пазар, цветен пазар, апартмани за закупците на тезги и административни простории. Финансиската конструкција изнесува околу два милиони евра. ЈП Пазари со сопствени средства и со јавно – приватно партнерство претендира да го разубави просторот, да го направиме попрактичен и да биде на бенефит за локалната самоуправа со плаќањето на комуналиите на ЈП со новите простории и на корисниците на услугите. Во објектот би се ангажирале околу 150 луѓе – истакна Димоски.

Комлетен покрив

Пазарот годинава ќе се покрие во целост со покривна конструкција, ќе се доосветли и би се вклопил во урбаното решение на старата градска чаршија. Со проектите би се остварувал профит од 10 – 20 милиони денари годишно. Менаџментот на ЈП Пазари е задоволен со наплатата  од 90 – 95 отсто.

– Новини се предвидени кај кванташкиот пазар, кој е со површина од 18 000 м2 и е во зоната Г, односно во индустриската зона. Подготвена е целосната инфраструктура. Асфалтирани се 4000 м2. за подобар пристап. Бидејќи се наоѓа во индустриска зона, погоден е за градба на индустриски центар. Кванташкиот пазар би бил идеално решение за продажба на расад, раноградинарски производи, автомобили и автомобилски делови, градежен материјал (дрва, вар, песок), железарија, ламперија и живина на големо. Добро би било да се изгради магацински простор да биде отворен непрекинато цела година, а не само во летниот период – акцентира Димоски, кој рече дека тоа е решение за следните 30 години.

Заради градбата на катната гаража, дислоциран е текстилниот пазар, но е во близина, па купувачите знаат каде е.

– Потребна е засилена инвеститорска активност во млечниот пазар затоа што 80 отсто од капацитетите се неискористени – заврши Димоски кој е директор на еден од просторно најдобро решените пазари во Македонија.

Loading