Аеродинамични возови по македонските пруги

Оливер Деркоски –  директор на ЈП Македонски железници – Транспорт

Комфорно патување со воз од 2014 година, а во меѓувреме обновување на “шпанските” гарнитури дури и со интернет, клима, кафе, ТВ…

Македонски железници – Транспорт, заедно со Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски веќе преговараат со Европската банка за развој за кредит од 50 милиони евра за нови возови. Се очекува на крајот на јануари следната година да биде склучен договор со добавувач и финиш на тендерските процедури, изработки на студии… Првиот човек на Македонски железници – Транспорт, Оливер Деркоски, најавува набавка на шест нови гарнитури возови со комплетна опрема. Современите возови со аеродинамична линија ќе овозможат комфорно патување. Еден од условите ќе биде побрза испорака. Возовите ќе бидат побрзи, иако брзината зависи од состојбата на пругата. Новите гарнитури ќе гарантираат намалени трошоци, оти патниците ќе се чувствуваат како да се возат во некоја европска држава. Ќе ги се стават на услуга на патниците во пролетта, 2014 година. Дотогаш ќе порасне квалитет во превозот со рехабилитација на постојниот возен парк – вели Деркоски.

Железницата одамна нема нов вагон за патници. Додека не стасаат новите се освежуваат старите патнички гарнитури со т.н. “шпански возови” од екс-ЈУ.

– Паралелно со рехабилитацијата која подразбира дотерување на вагоните, но и репарирање на локомотивите, се преземаат зафати за штедење на гориво. Со мерките штедиме по пет тони нафта дневно или околу два милиони евра годишно. Интероперабилноста налага да ги подобриме условите на патниците. Во возовите поставуваме систем за информирање на која станица е возот, која е следната, овозможуваме интернет, телевизија на ЛЦД монитори, клима… Тоа се мали технички детали кои го подобруваат патувањето, а со инсталацијата на алармни системи за пожар, камери во вагоните и кај машиновозачите, и безбедноста. Локомотивите се доста стари. Покрај ремонтите на моторите, не се исклучени повремени откажувања, но се сведени на минимум. Размислуваме проектот Прилеп – Битола, да го “преселиме” со еден воз меѓу Велес и Штип. Го анализираме бројот на потенцијалните штипјани и велешани. Штип е универзитетски центар, а има и миграција од соседните градови. Постои можност и за Тетово – Гостивар, затоа што има стопански динамична област – објаснува Деркоски.

Железницата комуницира со грчките колеги за воспоставување патнички сообраќај, затоа што Грција го укина железничкиот сообраќај со Македонија, Бугарија и со Турција

Посебен  режим за земјоделски производи

Во последно време малку патници пренесуваат стока на пазар, но ги има. Железницата ќе воспостави посебно место за стоките. Деркоски не детализира, но смета дека е можно во поштенскиот дел од возот.

–  Ако не успееме, нема да дозволуваме патниците да пренесуваат стока на пазар, зашто возот е за превоз на патници – вели Деркоски.

Конкуренцијата ќе ги избрка железничарите

Либерализацијата на пазарот за железнички услуги значи дека во земјава за да можат услуги да дават и други компании од земјава или странство кои имаат сертификат за такви услуги и сертификати за безбедност.

– Тоа е предвидено со закон. Но, би морале да отпуштаме 700-800 луѓе, по обидот на словенечките и чешките превозници кои сакаа да работат на нашите пруги. Тоа би го намалило профитот. Не сме спремни за конкуренција. Грција, Хрватска и Словенија не го либерализираат железничкиот превоз. Тоа треба да се прави внимателно, за да бидеме во еднаква положба. Откако ќе се набават нови средства, може да се отвори пазарот. Може да се размислува за јавно-приватно партнерство и делење на карго и патничкиот сообраќај. Патничкиот сообраќај веднаш би го дале на друг, затоа што не носи профит. А другиот дел е добар и може Владата да го даде на работа кај други. Наша цел е правење на современа компанија, а граѓаните да патуваат во нови возови со европски услови – вели Деркоски.

Ниски цени за Битола и обратно

– Новиот воз од Прилеп за Битола и обратно е потребен потег за двете општини, затоа што Битола сé повеќе е регионален центар со мноштво дневна миграција. Со анализите сфативме дека не е лошо да воспоставиме линија за релацијата Прилеп – Битола и обратно. Од интересот, зависи како ќе се оформува капацитетот на возовите. Иако нема профит, нагласена е конкурентноста на цените. Со раст на фреквенцијата на возови, ги враќаме патниците, а со тоа ќе достигнеме профитабилност – смета Деркоски.

Loading