Бизнис од безизлез

Занаетчиска слаткарска работилница “Бајадера”

Безработицата, безизлезот откако останала без работа од 11 Октомври, од Еуробанка, од Еуротек во Алданци, наместо да остане дома, енергичната и инцијативната Менче Костоска, поттикната од снаата Билјана, своето хоби го преточила во бизнис. Таа е мајстор за слатки и торти, создавани по домашен рецепт, исклучиво по порачка. Направените слатки и торти, муштериите сами ги земаат или им ги испраќаат по договор. Во кусото неколкугодишно искуство, веќе добиваат нарачки од Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар и други градови. Со слаткарската магија се “заразил” и синот Александар. Открил дека располага со дарба за моделирање и правење фигури. Па така тој и тој ги замешал прстите во изработката на украсите за тортите како риби, Пинк пантер, пингвини, Мики маус и други од марципан и желатин. Менче е задолжена за финесите на тортите, а Билјана за подготовките на материјалите за изработка на слатките и тортите. Функционираат како композиција, “слаткарски воз”, во кој, за набавки, достава и транспорт го вклучуваат и сопругот на Менче, Трајче. Семејниот бизнис го усогласиле со инвестициските можности. Предност им е тоа што работилницата е сместена во сопствен дуќан во бизнис центарот во населбата Точила.

– Со мали вложувања успеваме да обезбедиме егзистенција за  фамилијата. Не планираме да прераснеме во слаткарница со послужување, затоа што тоа бара поголем простор и постојана понуда на слатки и торти – објаснува Костоска.

Муштериите кои ќе порачаат торти и слатки од “Бајадера”, која постои две ипол години, добиваат пресен производ.

– Најчесто се бараат невестинските торти, кои муштериите не можат да ги подготват сами, а за кои е неопходна фискална сметка да се внесат во ресторанот со ХАСАП системот. Тортите ги бараат и за роденденските забави кои сега се слават во игротеките. Со фискалната сметка, гарантираме квалитет – објаснува Костоска.

За подготвување на невестинска торта потребни се три – четири дена. Еден ден се мелат, сецкаат и подготвуваат состојките. Вториот ден се печат тестата, третиот ден се прават филовите и последниот ден се филуваат. Тортите не се замрзнуваат.

За Велигден очекуваат екстра работа. Располагаат со професионални миксери и плехови. Откако ќе се изврши порачката, тортата е готова за 2 – 3 часа. Сé е пресно и квалитетно. Менче своето трпение, талент и искуство го користи за украсување на тортите. Ја исчеличиле настапите на манифестацијата “Вешта жена”. Со снаата Билјана сакаат постојано да се докажуваат, тортите и слатките да бидат што е можно поубави.

БОИ И НОВИНИ ОД ИНТЕРНЕТ

Новините на интернет, каталозите се претвораат во слатко задоволство во “Бајадера”. Преку интернет набавуваат нови алати, украси, бонбончина, седефести бои итн.

– Ме привлекуваат финесите на тортите. Свекрва ми кога работеше дома гледав, се врткав околу неа, а сега во работилницата многу научив. Желба имав да научам и “крадев” од слаткарските тајни – вели снаата Билјана.

Таа е “главна”, слатките задоволства од “Бајадера” да се најдат на Фејсбук страната.

Loading