ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ПРИЛЕП 1 – ПРВЕНЧЕ ВО МЕНАЏИРАЊЕТО СО ДРЖАВНАТА ЗЕМЈА

Методија Зајкоски, раководител на Одделение за управување со градежно земјиште при Секторот за урбанизам при ЛС

На продажба се 21 парцела, а електронското наддавање е на 18 април, односно  27 април

Почетната цена е 1 евро од метар квадратен, а може да учествуваат домашни и странски физички и правни лица

Општина Прилеп, откако пред два месеци доби овластување да управува со градежното земјиште од Владата, исправена е пред првиот тест за менаџирање со земјиштето. Распишани се првите два тендери за продажба на парцели во индустриската зона “Прилеп 1”. Првата бизнис зона која се наоѓа во непосредна близина на Металец, е 15 хектари од кои 4 хектари се со објекти од Фабриката и 11 хектари слободна површина со која стопанисува општината. Методија Зајкоски е раководител на Одделението за управување со градежно земјиште при Секторот за урбанизам при ЛС.

Со кои услови општинава се здоби со правото да менаџира со градежното неизградено земјиште сопственост на државата?

– За општина со 80.000 жители потребни се пет лица – архитекти, правници, градежници, кои по обуката се стекнуваат со овластувања односно лиценци. Формирана е комисија за управување со градежното земјиште, имаме и софтвер, кој се добива од ЗЕЛС на кој што се пуштаат сите објави за наддавање. Исполнети се сите услови кои се бараа по Законот. Имаме и Програма за управување со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија која ќе се дополнува со ДУП-ови, во текот на годината.

Кои се техничките параметри на градежните парцели кои се дадени на продажба со двата јавни повици?

– Се продаваат 21 парцела. Најмалата е 2000 м2, а најголемата е 4500 м2, што значи дека се со просечна големина од околу 3 000 м2. Површината за градење е половина за објект, а во другиот дел мора да има пристап, паркинг за вработените и посетителите, зелени површини. На пример, ако е парцелата 2000 м2 под објект може да бидат само околу 1000 м2, т.е. 50 отсто. Збирната површина на двете нивоа би била 2000 м2. Максималната висина на објектите е 7,6 метри, можат да имаат приземје и кат. Секоја парцела има пропишано колку максимално може да се изгради.

Комплетната инфраструктура, сообраќајната и подземната, е обврска  на Општината?

– Комуналиите се плаќаат со одобрението за градење. Тие се 5 евра за 1 м2 за сите производни делови и 100 евра за деловен и изложбен простор т.е. канцеларии каде што не се одвива производството.  Од кога ќе го продадеме земјиштето, наша обврска е да обезбедиме пат, вода, струја, а средствата ќе ги вратиме кога ќе почне плаќањето на комуналиите. Мора прво да се инвестира.

Почетната цена на градежното земјиште е 1 евро за 1 м2. Едното електронско наддавање ќе биде на 18 април, а второто на 27 април. Како ќе оди електронската аукција?

– Со секое наддавање цената се зголемува за 100 денари, а која ќе биде крајната, ќе покаже наддавањето. Може да се пријават домашни и странски физички и правни лица, членки на ЕУ и ОЕЦД. Депозитот за учество е 10 отсто од почетната вредност на парцелата. Ако е 2000 м2, тогаш депозитот е 200 евра. Наддавањето трае половина саат,  со тоа што ако во последните неколку минути некој наддава може да се продолжи наддавањето уште трипати по 2 минути. Во рок од 15 дена, купувачот треба да ги плати сите средства. Доколку не ги уплати, аукцијата се поништува, а депозитите се задржуваат. Физичкото лице за доказ треба да има државјанство, односно извод од централниот регистар за правно лице. Завршната процедура е потпишување на договорот кај нотар. После има рок од 6 месеци во кој што треба се да изработи проект за градежната парцела и да се добие одобрение за градење. Во рок од 6 години мора да го изгради објектот.

Каков е интересот? Сите парцели се подеднакво атрактивни?

– Имаме контакти со претставници од странски фирми, значи има интерес. Со објавите и рекламите очекуваме да се зголеми интересот. Има локација за бензиска пумпа. Физичките и правните лица може да учествуваат со наддавање на сите парцели, за првата треба да има документација заверена кај нотар, а за другите може да донеси само фотокопирана документација. Наддавањето оди парцела по парцела, 30 минути за првата, па втората 30 минути итн. Електронски е сето и е исклучено било какво влијание. Очекуваме со индустриската зона Прилеп 1, потоа и со останатите Прилеп 2, Прилеп 3 итн., да се подобри економската слика во градов, да се отворат нови погони и се вработат илјдници лица.

Loading