ТРЕСИ ПОЛА, БЕГАЈ!

Евросонг! Ќе го биде и оваа година. Калиопи ќе не претставува, а за нејзините пејачки вредности и квалитети – шапката долу!

Телевизиска емисија на која се разговара за оваа тема. Една новинарка вели дека Калиопи немало да не ОБРУКА. Да, но таа се ИЗРЕЗИЛИ. Не знае дека зборот БРУКА не е наш. Го повторија со водителот безбројпати тој збор. Сите во емисијата се согласија дека е добро што Калиопи ќе пее на македонски јазик. Во оваа ситуација тоа било многу битно за Македонија. Не заинтересира ова да го провериме текстот на песната.

Ох, мори мајко! Еве еден стих:

“ПОЛА мое во тебе, ПОЛА твое спие во мене”.

Никој не се сетил дека српскиот збор ПОЛА во македонскиот јазик има друго, поинакво значење. ПОЛА на македонски не значи ПОЛОВИНА. Речникот в раце! ПОЛА:

1. Една од страните на предниот дел од капут, џемпер, фустан; јас сакам ПОЛИТЕ да ми бидат прави.

2. Долниот дел од ПОЛАТА – скут; се држи, за ПОЛАТА од мајка си (за скутот); засукал ПОЛИ и ракави.

3. Крило од врата; ја отвори едната ПОЛА.

4. Подножје на планината; во ПОЛИТЕ на планината.

Ова се дел од објаснувањата и дел од значењата на зборот ПОЛА. Во песната зборот е преземен директно од српскиот јазик – ПОЛА, со значење на ПОЛОВИНА. Ваква грешка читаме и по излозите: “Сé на ПОЛА цена”, “Сé по ПОЛОВИНА цена”, тоа е точното. Ние би рекле дека ќе делиме се НАПОЛУ, а не НАПОЛА. Кај нас е ПОЛ денар, а не ПОЛА денар.

Еден друг стих од песната гласи:

“Јас БИРАМ среќа, ти БИРАШ тага”.

Каде да се определиме ние? Што да избереме? Единствено ни останува да ја ИЗБЕРЕМЕ тагата. Глаголот БИРА во македонскиот јазик се употребува исклучиво префиксиран – ИЗБИРА, ОДБИРА, ПРЕБИРА и така натаму. БИРА не може и не смее.

И тоа е преземено (без потреба) од српскиот јазик. Но, ете, сите се радуваме! Калиопи ќе пее на македонски. Ќе се чуе македонскиот јазик на сите меридијани.

Зар никој не се најде да укаже на овие грешки?! Веќе подолго време ја слушаме песната на телевизиите. Особено на МТВ. Во МТВ беше и промоцијата.

Ајде, си рековме, да се обидеме, да се јавиме во МТВ. Можеби ќе има шанса да се поправат грешките. Разговараме со лекторката. Вели дека таа не може да направи ништо. Текстот си имал автор и таа е немоќна.

– А во какви случаи Вие можете да интервенирате? – ја прашуваме.

– Па, ние лекторите ги лекторираме напишаните текстови од нашите програми.

– Ами зошто, вашите презентери секогаш не поздравуваат со – “Имајте пријатна вечер”? Зошто не ни пожелуваат пријатна вечер, туку ни заповедуваат да имаме пријатна вечер? Нели, помошниот глагол ИМАЈТЕ е во императивна форма, заповеден начин?!

– Па, јас секогаш им велам дека тоа е погрешно, ама тие мислат дека така е подобро!

– Велите дека пишаните текстови се лекторирани? А токму вечерва ја слушнавме вашата презентерка како вели дека некој ја УНОВЧИЛ куќата. Општо познато е дека именката НОВАЦ и глаголот УНОВЧИТИ се српски. Слушнавме и едно соопштените на вашата телевизија дека за некоја работа требало да се плати ЧЛАНАРИНА! Треба ЧЛЕНАРИНА, зар не?!

– …    … (лекторката молчи)

– Ало, ме слушате ли?

– Да, да, зборувајте …

– А што да зборуваме? Многу грешки слушаме. А сега со песната грешките се големи.

– Јас за тоа ОТТУКА неможам ништо.

– А зошто вие велите – ОТТУКА? Кога веќе го определувате просторот, треба да речете – ОДОВДЕ.

– Да, знам, но вака… во слободен разговор…

– Не само во слободен разговор! На вашето радио постои и официјална емисија – “ТУКА околу нас”. Ако е околу нас, треба “ОВДЕ околу нас”, а не “ТУКА околу нас”. Еве, од вашата телевизија разбравме дека авторката на таа емисија издала и книга со наслов “ТУКА околу нас”. Сигурно знаете оти е тоа погрешно. Во Скопје сите заборавија дека освен прилогот ТУКА, постои и прилог ОВДЕ. Во овој случај токму тој треба да биде употребен – “ОВДЕ околу нас”! Ало, ало, ме слушате ли?

– … … (лекторката молчи)

– Добро, мислевме дека слушате!

– Слушам, слушам! Зборувајте!

– Значи, дефинитивно, песната на Евросонг ќе се пее со онаков нечист јазик?

– Па… тоа е тоа…

Гордеј се Македонијо! Сите што ќе ја слушнат песната ќе мислат дека е на чист македонски јазик. Така мислат и авторот и интерпретаторот и веројатно повеќе од “ПОЛА” Македонија!

Имаа право старите. Кога беше некоја работа непоправлива велеа – “ТРЕСИ ПОЛА, БЕГАЈ”!

Благоја Ивчески

Loading