Легализацијата ќе трае четири години

Илија Карески – раководител на секторот за урбанизам при локалната самоуправа

Во нормален тек е легализацијата на диво изградените објекти со над 15 илјади барања, од кои над илјада веќе се решени од лани од септември. Раководителот на секторот за урбанизам при локалната самоуправа Илија Карески вели дека досега се разгледани со прекин на постапка над 5000 предмети. Тоа значи дека третина се веќе решени, дали со решение или со прекин на постапка. Законскиот рок од шест месеци не може ниту една општина да го исполни, бидејќи потребно е уредување и одговарање на пријавите. Според Карески, нема потреба од паника и вознемиреност. Три екипи, во зависност од предметот, можат дневно да решат 10 предмети. Во населбата Тризла 2 тешко се снајдуваат екипите, оти нема пристап. Потребно е време, бидејќи треба да се “слика” теренот, да се сочини записник, да се види ДУП…

– Ангажиравме и волонтери кои вршат техничка помош, деловодник, оти обемна е процедурата. Колку за илустрација, потребни беа три месеци за препишување на регистрите. Освен кај граѓаните, комплицирано е и кај институциите, кои треба да направат елаборат , а после се оди на местото и се разгледува, по што следи решение, доколку нема проблем. Мермерскиот комбинат, Витаминка и други установи веќе ги легализираа објектите со среден елаборат – вели Карески.

Не е поинаку и во останатите општини.

– Се прегрупираат комисиите да успееме да решиме 3-4000 предмети. Има комисија за поголемите проекти, од ЕВН, патишта, железници. Во интерес на граѓаните ќе се направи уште некоја комисија плус да се забрза процесот и годишно да се решаваат по 4000 предмети –  објаснува Карески.

Тој вели дека не се легализира сé и сешто, туку тоа што е законито.     – Ако се бара легализација на две постории, од која едната е на тротоар, а другата на сопствено земјиште, се озаконува само едната. Има граѓани кои знаат дека нема да им се легализираат дивоградбите, но поднеле барања.    Некои се наоѓаат во нестабилни зони, па бараме  елаборат за стабилност. Има поплавна зона во Тризла во коритото на Дабничка река, која е тешка за легализација поради можноста за поплави – кажува Карески.

Општината газдува со земјиштето

Општината почнува со стопанисување со државното градежно земјиште.

– Имаме лиценца за управување, програмата треба да се донесе за да се распише тендер за продажба или да се продава со непосредна спогодба  – вели Карески.

Згради  в касарни

Локалната самоуправа ќе распише тендер за потенцијалните инвеститори на колективна станбена градба за просторот на улицата “11 Октомври”, на местото од времените објекти кај зградата Табана до крстосницата кај Солидност. Предвидени се 103 станбени единици со 63 м2. Има и локации за 13 катници на улицата “Борис Кидрич” во дворот на касарната. Локалните власти првин ќе го подготват теренот за инфраструктура и за населбата Градина, која ќе се протега на местото на сегашните оранжерии, во продолжение на типската населба.

Loading