Продажба на 12 локации

Уште девет локации ќе се понудат за бизниси

Прилеп во соработка со Министерството за транспорт и врски објави продажба на 12 локации на државно градежно земјиште во индустриската зона Металец. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по работната средба со дел од службите во локалната самоуправа и јавните претпријатија, изјави дека ова е уште една можност за отворање индустриски капацитети за нови работни места. Во зоната Металец има уште девет локации кои треба да бидат понудени во наредниот период. Ова е првиот оглас откако Прилеп го презеде управувањето со државното градежно земјиште со цел да се промовира градот како дестинација за инвестиции – изјави Јанакиески. Градоначалникот Марјан Ристески појасни дека на огласот општината очекува да се пријават домашните и странски компании и да изградат нови капацитети кои ќе обезбедат околу 1.000 нови вработувања. Ристески и Јанакиески со соработниците разговарале и за средствата од Европската инвестициона банка, наменети за подобрување на водоснабдувањето и на канализационите системи во градот. Јанакиески нагласи дека Прилеп од владата доби 1,66 милиони евра. Проектот пумпна постројка Бегова ливада и потисен цевковод е во финална фаза и одобрен од Министерството. Испратен е за одобрување од Европската инвестициона банка. Инвестицијата е  околу 500 000 евра . Се очекува позитивен одговор од Банката. Со реализацијата еднаш засекогаш ќе се реши водоснабдувањето во Прилеп. Претстои објава за изведувач за градежните работи и до крајот на годинава зафатот треба да биде завршен со што ќе има дополнителни 80 до 100 литри вода во секунда во бунарите – рече Јанакиески. Министерот ја обелодени финалната фаза за проектите за фекална канализација во селата Големо и Мало Коњари и за изградбата на патишта преку Светската банка и ЕБРД. Лани заврши изградбата на пет, а годинава ќе се изградат уште пет локални патишта и тоа до манастирот во Селце, и до селата Штавица, Дуње, Ерековци и Галичани. Набрзо се очекува да се распише јавен повик за изградбата на патот до манастирот Трескавец, за што средства од околу 90 милиони денари има во Агенцијата за државни патишта. Прилеп во соработка со Владата ќе почне да ја гради инфраструктурата на технолошко-развојната зона, односно слободната економска зона во Алинци која опфаќа 60 до 80 хектари за привлекување странски компании за нови “грин-филд” инвестиции. Инаку, Прилеп развива уште индустриски зони на обиколниот пат за Македонски Брод, наспроти “Жито Прилеп” на повеќе десетици хектари приватно земјиште и уште една на државно земјиште со 20-ина парцели кај “Сточното пазариште”.

Loading