Наскоро ќе започне изградбата на
Кредитното долгорочно задолжување на општинава од 500 илјади евра од Светска банка,
Позајмицата нема финансиски да ги оптовари граѓаните, ниту ќе ги зголеми даноците и комуналните такси
Современо безбедно сообрајќајно решение за влез во градов, кое ќе служи за следните 50 години, ќе се гради наскоро. Градежните зафати за двонасочен приод од страната од кај Скопје кој ќе биде со зелена површина на средината, а во должина од 800 метри, се очекува да започнат во мај. Комплетно новиот урбан влез во градов од пумпата на Лук оил до пумпата на Макпетрол, ќе биде готов до септември. За реализација на овој инфраструктурен зафат, со кој градов би добил модерен изглед кој би ја раздвижил индустриската зона и би го подобрил естетскиот изглед, Општината ќе се задолжи од Светската банка за 500 илјади евра. Со овие средства ќе се изгради првата фаза, а втората, која ќе ја опфати улицата Моша Пијаде до крстосницата кај Солидност, ќе се гради со општински пари. Зелено светло за одлуката за долгорочно задолжување дадоа советниците на последната седница. Ова ни најмалку нема да ги оптовари дополнително граѓаните, кои воопшто нема да плаќаат ништо, ниту пак ќе се обременат со нови повисоки даноци, тврдат од Општината посочувајќи дека финансиската проекција е направена согласно сегашната структура на даночната основа и буџетската каса.
Кредит со поволна каматна стапка
Сегашното решение е старо од пред 40-50 години и тоа ни малку не ги задоволува новите современи урбани текови. Реализацијата на новиот влез во градов, ќе оди преку кредитна линија од проектот за подобрување на општинските услови, која Владата го обезбеди за општините преку Светската банка, во висина од 29 милиони евра, обезбеден во 2009 година. Општинава се определи за затворање на финансиската конструкција преку кредитирање, бидејќи кредитот е со доста поволни услови.
– Прилеп го обезбеди кредитот од 500 000 евра со каматна стапка од 1,31 отсто со грејс период од три години и со рок на враќање 10 години, вклучувајќи ги и трите години грејс период. Во рок од седум години ќе биде исплатен кредитот, а плаќањето ќе се врши на две шестмесечни рати, од кои едната ќе биде на 15 февруари, а другата на 15 август. Според пресметките на секторот за урбанизам, финансиската конструкција од половина милион евра во целост ги покрива трошоците за изградба на делницата од 800 метри. Општинава треба да плати 42 573 евра камата за кредитот од 500 илјади евра. Ако општината користи кредит од комерцијалните банки со важечките каматни стапки за оваа намена, би платила камата од 260 илјади евра. Најважно е што нема нови оптоварувања за граѓаните со кредитот, а остануваат даноците и другите комунални давачки во висините кои што се утврдени во овој момент без намера за нови намети. Напротив, на сегашното ниво на давачки, без корекција, е направена проекцијата – вели Драге Звездакоски, раководител на Секторот за финансирање и буџет при ЛС.
Гарант е Министерството за финансии
Потребите од кредитно задолжување ги увидела Владата за подобрување на општинските услови, и иницијатор и гарант на кредитот, е Министерството за финансии. За трите години грејс период ќе се плаќа само каматата од кредитот, а отплатата на првата рата ќе биде на 15-ти февруари 2016 година.
– Ратата ќе биде во износ од 38 641евро, каматата се кумулира и ќе биде 20 150 евра, што значи дека првата рата ќе биде 58 612 евра што воопшто не е проблем за Прилеп и нема да има оптоварување на граѓаните. Направена е долгорочна анализа за растот на приходите на општината во наредните 10 години. Констатирано е дека ако ова кредитно задолжување во овој момент во однос на остварувањето на приходите во буџетот од 2011 година е 9 отсто во однос на тековно-оперативните приходи на буџетот, во 2022 година, кога ќе заврши исплатата, тој процент ќе падне на 4 отсто. Кредитот кој го земаме, е во висина на растот на остварените приходи од минатата година кој беше 32 милиони денари. Не се пропушта шансата задолжување со кредит кој е со каматна стапка од 1,31 отсто- вели Звездакоски.
Одлуката за задолжување ќе биде доставена до Министерството за финансии, а во мај кредитната линија ќе биде оперативна. Со новиот влез во градот ќе се добие поголема безбедност во сообраќајот, а ќе се зголеми интересот за индустриските објекти и порастот за влез на свеж капитал. Втората фаза на проектот ќе биде финансирана од општински средства од Програмата за улици и патишта.
ДО СОЛИДНОСТ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ И ТРОТОАРИ
Новото сообраќајно решение планирано е да започне од кај бензиската Лук Оил. Ќе има два коловоза со по две ленти, меѓу кои ќе има зелен појас со улично осветлување. Тротоарите ќе бидат изградени во третата фаза, предвидени во генералниот план. До бензиската пумпа на Макпетрол ќе се отвори улицата за Маркова чешма со што граѓаните кои одат кон викенд населбите ќе добијат поголема безбедност во сообраќајот. Сообраќајницата кај улицата “Победа” засега нема да се реализира, а треба да ги поврзе типската населба со клучката преку мостот до АМД, за да се избегне претераното користење на улицата “Моша Пијаде”.
Втората фаза го опфаќа потегот од бензиската на Макпетрол до Солидност. Ќе има велосипедски и пешачки патеки, бидејќи има голема концентрација на население и голема раздвиженост. Тие ќе бидат широки 12 метри. Ќе се добие убав и безбеден влез. Планирано е да се прошират улиците, посебно булеварот кој е р’бетот на градов, а и “Моша Пијаде”, која е многу прометна.
29 општини користеле кредит од Светската банка
Прилеп ќе се приклучи кон множеството од 29 општини кои досега го користеле овој тип на кредит и имале искуство. Кредити од овој тип користеле градот Скопје, општините Чаир, Гази Баба и Ѓорче Петров, потоа Кочани, Штип, Велес, Гостивар, Кавадарци, Валандово, како и помалите општини како што се Долнени, Василево и др.
Таа линија ја користеле доста рурални општини, а за Прилеп воопшто не е проблем враќање.