Препородено училиште

Трајче Каралиоски – директор на ОУ ,,Гоце Делчев,,

Резултат од трудот се наградите на учениците и враќањето на некогашните осмодделеници да се видат со наставниците во “старото училиште”

Во својата 16 годишна кариера во образовниот процес, Трајче Каралиоски како директор на ОУ “Гоце Делчев” работата ја сфаќа сериозно. Со голема посветеност веќе пет години го води училиштето. Секогаш е меѓу учениците и претставува авторитетна фигура и кај вработените. Односите меѓу стручната служба, наставниците и учениците во училиштето се речиси семејни. Ученикот е во центарот на вниманието, оти сите располагаме со високо чувство за одговорност. Не сме само наставници, туку и родители. Градиме и воспитуваме личности со самопочит, но и респект кон другите. Вечна е ориентацијата за подобрување на воспитно-образовниот процес, кој продуцира личности кои се надградуваат според индивидуалните квалитети. Најзадоволни сме кога ги испраќаме осмоодделенците, оти тие се наш “краен производ”. Кога основците се враќаат во училиштето да ги видат наставниците и директорот, се потврдува трудот и знаеме дека сме завршиле добра работа – вели Каралиоски, кој од работење нема искористено годишен одмор. Директорот ги акцентира проектите, реализирани во соработка со локалната самоуправа, градоначалникот Марјан Ристески и советникот за образование Марјан Матракоски. Вели дека тие се најважната “алка” меѓу училиштето и Министерството за образование. Училиштето е оценето од државниот просветен инспекторат со највисока оценка по сите критериуми. Располагаме со најмногу сертифицирани наставници за работа со напредни наставни помагала, кои во голема мера го доближуваат до учениците градивото. Ученичките упеси и награди ги доживуваме како заеднички плод – потенцираше Каралиоски, додека пред него имаше наредено неколку пехари од најразлични натпревари. ОУ “Гоце Делчев” е единственото училиште со продолжен престој, покрај редовната, дополнителната и додатната настава. Соработката со родителите и советот на родители е одлична. Секоја сугестија ја прегледуваме и активно учествуваат во креирањето на политиката на училиштето. Тоа што го пропишува законот, во целост го имплементираме. Моментно, околу 30 ученици користат продолжен престој под постојан надзор од наставничка и во слободниот периодот пред или после часовите, ги имаат сите услови кои би ги имале и дома. Работат домашни задачи, учат, се одмараат, имаат два оброка и по потреба преспиваат или се забавуваат во просториите. Оваа услуга е бесплатна, освен што се плаќаат оброците на децата – акцентираше Каралиоски. И стручната служба, составена од педагог, психолог и дефектолог имаат “чиста петка” од ДПИ, бидејќи успешно ги совладува пројавените проблеми. Наставничкиот кадар е релативно млад и е спој на искуство и младост. Тим од 50 наставници во десетици училници и шест модерно опремени кабинети изведуваат настава со 820 ученици. Просторните услови се речиси перфектни. Дури можеме да примиме и повеќе ученици – рече директорот. Се пофали со досегашните проекти кои во целост се изработени со помош на Локалната Самоуправа која има слух за секој нивни проблем. Засега ја санирале влезната врата, го реновирале греењето, целосно го обновиле подрачното училиште во селото Големо Радобил, поплочен е споредниот влез со бекатон плочки, отворен е продолжен престој, набавени се модерни нагледни средства, поставен е видео и аудио надзор. Недостасува последната фаза од изградбата на тениското игралиште. За 2013 година, во програмата на Министерството, е проектот за санација на санитарните јазли. Во изработка е хортикултурното уредување на дворот и санација на влезните скали.

Loading