Економски инвестициски бум
Во трите индустриски зони вработување може да најдат илјада лица
Над 12 фирми од градов и државава моментно се заинтересирани за градежно земјиште кое ќе се продава наскоро во рамките на Индустриската зона Металец. За три недели ќе се распише меѓународниот тендер за продажба на 21 локација за изградба на производствени хали, салони и други деловни објекти. Вкупната површина е 16 хектари. После 30 години, првпат ќе се продава државно градежно земјиште. Прилеп станува атрактивен за бизнис инвестиции. Според анкетата на Регионалната стопанска комора, писмо за намери и интерес за изградба на сопствен производствен капацитет пројавиле конфекцијата Комфи Ангел која бара 18 000 м2 , Дониа 10 000 м2, Мартекс 5 000, печатницата Гинис 4 000 квадрати, Електрометал од Скопје 6 500 м2 и др. Оттаму очекуваат поголем интерес на бизнисмените. Локалната самоуправа, откако започна да стопанисува со државното неизградено земјиште и која ќе го распише тендерот, очекува економска експанзија и влез на странски инвестиции кои ќе резултураат со отворање на нови работни места и ангажирање на неколку стотици до илјада невработени лица. Со тоа ќе се намали и бројот на неангажираните прилепчани кои сега полесно ќе дојдат до егзистенција.
Прва продажба на државно земјиште
За отворањето на првата индустриска зона се говореше и на третата седница на економскиот совет. Покрај индустриската зона Металец, локалната самоуправа подготвува уште две индустриски зони. Едната е наспроти Жито Прилеп, за која се изработува деталниот урбанистички план, а станува збор за приватно земјиште. Втората зона, која е на државно земјиште, а за која започна изработката на деталниот урбанистички план и се очекува за брзо да биде завршен, е кај Сточното пазариште. Вкупната површина е 20 хектари и ќе бидат испарцелизирани околу 20 локации за издавање под закуп или продажба на фирмите од приватниот сектор. Одлична е локацијата, а не се користи. Има готова инфраструктура. Со изградбата на индустриските зони очекуваме инвестиции, а секоја изградба на погон значи и нови вработувања. Очекуваме само во Металец повеќе стотици вработувања, дури над илјада, како и во другите индустриски зони кои ќе бидат понудени на тендер, да се вработат уште неколку илјади невработени. Нашата задача е да го донесеме генералниот и деталниот урбанистички план. Секој кој има добра идеја и капитал, во Прилеп има можност за инвестиции – вели Марјан Ристески, градоначалник.
Со парите од земјиштето ќе се гради инфраструктурата
Иницијативата за заживување на индустриската зона Металец, практично потекна од регионалната стопанска комора заради одличната местоположба и изработениот детален урбанистички план уште пред десет години кога и компанијата размислувала за проектот бесцаринска зона. Земјата ќе се продава со почетна цена од едно евро, онака како што определи Владата. Со наддавањето, паричната сума, која ќе се постигне, ќе се искористи повратно за индустриската зона, односно ќе се инвестира во изградба на инфраструктурата. Благодарност за Металец што покажа опшетствена одговорност и најде сили да ги повлече тужбите. Како Регионална стопанска комора ги штитиме и интересите на Металец, но ова земјиште беше неискористено. На градежните парцели ќе донесеме 20-тина фирми кои ќе градат, а ќе дадеме препорака заедно со ЛС, Металец да ги гради челичните конструкции. Парите кои ќе се соберат од продажбата на градежното земјиште, строго ќе се наменат за изградба на инфраструктурата и ќе гледаме заедно со ЛС, цената да биде толкава, колку да ги покрие трошоците за инфраструктурата, со цел средствата да им останат на инвеститорите за брзо да ги изградат објектите и да вработат луѓе – вели Ристо Најдоски, извршен директор на Регионалната стопанска комора. Најадоцна за 20 дена се очекува да биде распишан меѓународниот тендер за продажба на градежното неизградено земјиште во рамките на индустриската зона Металец.
ТИРС ВО ПРИЛЕП
Технолошко индустриска развојна зона – ТИРС за брзо време ќе започне да се гради. Изградбата на слободната економска зона се очекува да привлече поголеми грин филд инвестици. Бидејќи станува збор за голема инвестиција од околу 12 -15 милиони евра за инфраструктурата, голема површина, уредувањето ќе се врши по одделни модули. Како што ќе има средства, така ќе се подготвуваат парцелите со потребната инфраструктура и ќе бидат давани на тендер. Технолошко индустриската развојна зона или слободната економска зона нуди поволности за одредени такси и даноци. Затоа е привлечна за поголемите странски компании – вели Ристески.