Видливи ефекти од крупните зафати

Ирена Стерјовска Локвенец – портпарол на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ

Ќе се засили ритамот на уредување на градот

Дали младите имаат шанса политички да се калат во партијата?

Како млада и амбициозна личност отсекогаш сум сакала да добијам шанса да можам да направам повеќе за подобрување на животот на нашите граѓани, а и за активно вклучување во процесите на одлучување во нашето опшество. За среќа, нашата партија ВМРО – ДПМНЕ им дава можност на младите луѓе, желни за нови искуства и успеси. Пред сé, оваа можност како советник ќе ја искористам да покажам и докажам колку умееме и ние жените да работиме, да бидеме добри мајки, добри сопруги и успешни професионалци. Знаете, промените кои се случуваат се предизвик за дефинирање на нови зафати преку преземање на соодветни нови активности и одговори со развојна ориентација.

Последниве недели, советничката група на ВМРО – ДПМНЕ имаше средби со граѓаните. Што бараат?

Од средбите со граѓаните на урбаните заедници ќе ги потенцирам средбите  кај урбаните заедници Бончејца, Тризла, Сточен Пазар и Жабино Маало каде ги увидовме потребите. Првенствено им дадовме приоритет на проблемите со осветлувањето. Овие проблеми ќе бидат решени со изработка на проекти за новопроектирано осветлување со штедливи светилки на дел од улиците како и парковските површини.

Детално се запознавте и со клучните прашања во јавните претпријатија и други институции?

Во насока на развојната ориентација, советниците од советничката група на ВМРО – ДПМНЕ  изминатиов период направивме низа работни посети на јавните претпријатија, основани во рамките на надлежностите на општината, дел од основните и средни училишта, а исто така остваривме средби и со граѓани од неколку урбани заедници. При средбата со раководителот и вработените од ЈП за урбанизам и просторно планирање се запознавме со деталите на урбанистичката проблематика која е навистина гломазна и обемна, со тековните и идните проекти кои ги работи ова претпријатие како и со деталите за новата урбана населба “Градина” и индустриската зона Металец. На наредната средба во ЈП Комуналец  дознавме за оперативниот план кој е во целост исполнет и е надополнет со нови работни позиции на барање на граѓаните и Општината како и со плановите за 2012 год.

Каква е состојбата во образованието?

Во училиштата ја увидовме нивната тековна работа. Директорите нé упатија во  извршените градежни зафати и идните активности на училиштата. Во Општинава се доделени 200 решенија во рамките на образованието, а уште приближно 100 ќе бидат доделени до крајот на годинава. Паралелно се инвестирани околу 5-6 милони денари во нашите училишта поради што денес некои од нив имаат убави фасади, модерни спортски сали, санитарии, квалитетна дограма итн. Нашите училишта добија сосема нов изглед благодарение на заложбите на оваа гарнитура, градоначалник и советници, кои правевме напори да се подобри она каде што во изминатите 20 години воопшто не беше инвестирано.

Какви сознанија носите од средбите во ЈП Водовод и канализација?

На средбата во ЈКП Водовод и канализација разговорот беше насочен на актуелниот проблем со водата. Добивме известување дека во моментот состојбата со водата задоволува и дека стигнува до секое домаќинство. Потенцирано беше дека се размислува и се разгледуваат и други проекти кои на долг период ќе го подобрат снабдувањето со вода во нашата општина што ни е главен интерес.

Бевте и кај локалната даночна управа?

Во посетата на одделението за администрирање со даноци го согледавме ефектот од наплатата на даноците како и инструментите и механизмот за наплата. Констатирано е дека од 2009 година, одделението откако беше реновирано и започна да работи како едношалтерски систем, стана подостапно за граѓаните. Тоа придонесува за зголемување на процентот на наплата на даноците, а даноците не се зголемени,  напротив се намалени.

Сé на сé, какви се ефектите од контактите?

Целта од овие посети како советничка група ни беше овозможување на размена на идеи, решавање на проектни проблеми, идентификација, промоција на веќе сработеното, добивање на поголем број информации кои ќе ни овозможат поквалитетна работа во рамките на советот на општината, бидејќи денес во модерниот начин на живеење, информациите претставуваат главна и единствена константа. Советничката група ќе остварува вакви средби и во иднина затоа што евидентни беа ефектите.

Loading