ПЛАЌАЊЕ СО СМС ПОРАКА ИЛИ ГРЕПКА

Започна зонското паркирање

ЕДНА НЕДЕЛА ВОЗАЧИТЕ ЌЕ ИМААТ БЕСПЛАТЕН ТЕСТ ПЕРИОД ЗА НОВИОТ НАЧИН НА ПАРКИРАЊЕ

СО ЗОНСКОТО ПАРКИРАЊЕ, ЌЕ ИМА ПОВЕЌЕ ПАРКИНГ МЕСТА ЗА СИТЕ

Со цел да се обезбеди поголема фреквенција на паркирани, односно слободни паркинг места во потесното, централното градско подрачје, од 1 февруари, ЈП за просторно и урбанистичко планирање, започна со зонски режим на паркирање. Тоа значи дека организирање на паркирањето е на нов начин, а се воведува и плаќање на паркинг просторот со СМС порака или со купување на билет или грепка. Паркинг просторот во градов е поделен на три зони, А, Б и Ц зона во зависност од далечината на паркинг местата од центарот. Зонскиот начин подразбира и ограничување на времетраењето при користење на паркинг местото. Така најкратко е времето на дозволеното задржување во центарот, а подолго е на периферните делови. Практично проектот стартува со опфаќање на централното градско подрачје – од двете страни на Булеварот од градската кафеана до супермаркетот Тедико, како и стартата чаршија. Таму возачите ќе може максимално да го паркираат своето возило 2 часа, по што ќе треба да го отстранат.

Слободното паркинг место е БИНГО!

Паркирањето е горлив проблем во центарот, што придонесува кон намалување на квалитетот на живеење. Некои возачи ги користат паркинг места цел ден, притоа зафаќајќи ги и така ограничениот број на паркинг места со што им се скусува можноста на останатиот дел од возачите кои имаат реална потреба од паркинг простор. Ова е особено изразено во пазарните денови, кога градот е буквално преплавен од возила како од градот, така и од населените места. Дополнителен сообраќаен метеж се создава со потрагата по слободен паркинг. Некогаш возилата се паркираат и на местата предвидени за движење на пешаци, на зелени површини, рампи за пристап на лица со хендикеп, пристапи кон индивидуални и деловни објекти, на коловоз и др. Да се решат овие урбани проблеми, да се намали метежот и да се подобри квалитетот на живеење, се воведува новиот начин, контролиран, по урнек на светските метрополи, каде е воспоставен овој систем на зонско паркирање. Системот воведува ред во паркирањето – сообраќајот во мирување. Во првата зона, црвена зона, дозволено е максимално 2 часа паркирање, во втората зона – жолта зона, можноста за паркирање е максиум 4 часа, а третата зона – зелена зона е со неограничено времетраење на паркирањето. Со воведувањето на ограничување на максимално дозволеното времетраење на паркирање ќе се постигне ефективно искористување на паркинг местата, односно ќе се овозможи повеќе возачи да паркираат на утврдените паркинг места. Во црвената А-зона, еден час на паркирање изнесува 25 ден, во втората – жолта зона, еден час изнесува 20 ден, и во третата зона изнесува 15 ден/час. Секоја зона е обележана со сообраќаен знак и табла. Паркирањето се наплаќа од понеделник до сабота од 7 до 23 часот. Во недела и државните празници, паркирањето е бесплатно цел ден, освен за времетраењето на одржување на манифестациии.

Плаќање со СМС порака

Наплатата може да се изврши преку праќање на СМС порака или со купување картичка – грепка во некое од продажните места. Со воведувањето на зонското паркирање ќе се постигне пореална наплата во однос на времето на задржување – паркирање и ќе се воведе ред во сообраќајот. За плаќање преку СМС порака, возачите на почетокот на паркирањето треба да испратат СМС порака на телефонскиот број 148 148 со содржина во која ќе ја впишат зоната во која се паркира и бројот на регистерската табличка, со оставање на празно место меѓу податоците. На крајот на паркирањето, возачот треба да испрати повторно СМС порака со содржина “С”, која значи дека паркирање е стопирано, односно завршено. Цена на секоја испратена СМС е 5.9 ден. со вклучен ДДВ.

Купување карта за паркирање

Картичките за паркирање може да се купат во трафиките и минимаркетите. По пристигнувањето на паркингот, возачот треба да го изгребе часот, денот, месецот и годината. Картата за паркирање треба да се постави на видно место односно на предното стакло од автомобилот. Картата за паркирање се користи само еднаш и важи еден час. По истекот на дозволеното време на паркирање потребно е да се напушти паркинг просторот, а еден час потоа, возачот повторно се стекнува со право да се паркира на истиот паркинг.

Инфо на телефон и WЕБ

Возачите кои имаат некои нејаностии околу експлоатацијата на новиот режим на паркирање можат да добијат објансување на телефонот 048 61 40 40 или на страницата www.parkingprilep.com

Loading